27.10.2011, 17:17 „Гадафи не знаеше што да прави“

Хунеиш Наср, кој работеше за Гадафи 30 години како возач, раскажува за последните денови со полковникот
Хунеиш Наср последен пат го виде шефот за кого работеше 30 години како збунето стои во урнатините на Сирт, додека околу нив се отворил пеколот. „Се' експлодираше“, вели Наср, личниот возач на Моамер Гадафи, потсетувајќи се на моментите од минатата недела пред да биде заробен ��оборениот лидер. „Револуционерите доаѓаа по нас. Тој не беше уплашен, но се чинеше дека не знае што да прави. Тоа беше единствениот пат да го видам таков“.
Неколку минути подоцна, еуфоричните бунтовници ставиле крај на последниот отпор на Гадафи, заземајќи го разурнатиот кварт на неговото родно место што служеше како негово последно, неславно засолниште. Наср изјави дека ги подигнал рацете предавајќи се пред вооружените бунтовници што се приближувале. Со кундак од пушка тој бил соборен на земја, при што му било повредено левото око. Гадафи бил извлечен од одводна цевка непосредно пред да падне Наср. Последен пат го видел својот господар како бунтовниците навалиле на него. Потоа и двајцата примиле многу удари.
Сега, една недела подоцна, Наср и Мансур Дао, шеф на обезбедувањето на убиениот диктатор, се чини дека се единствените преживеани членови од старата гарда на Гадафи, кои можат да посведочат за избезумените последни денови. „Ако некој од најблискиот персонал е се' уште жив, не знам каде се наоѓа или што се случило со него“, вели Наср од неговата импровизирана ќелија во касарна во Мисрата. Во битката за Сирт тој останал глув на десното уво и загрижено се навалува напред за да ги слушне прашањата. „Останатите можеби се негде со револуционерите или можеби се мртви“, вели тој.
Наср изјавува дека последните пет дена од опсадата ги поминал со Гадафи, селејќи се од куќа во куќа за да ги избегнат борците што напаѓале во соседството, познато како Округ 2, со експлозив и со огнено оружје. Се' уште облечен во карираната кошула испрскана со крв што ја носел минатиот четврток кога беше убиен Гадафи, Наср, на 60-годишна возраст, вели дека неговиот поранешен шеф не можел да сфати што се случува околу него. „Беше чуден. Секогаш стоеше мирно и гледаше кон запад. Не видов страв кај него. Бев со него 30 години и се колнам дека никогаш не сум забележал лошо однесување кај него. Секогаш беше само шеф. Добро се однесуваше со мене“, додаде тој, објаснувајќи дека добивал плата од 800 динари месечно (нешто над 300 фунти), како и куќа во Сирт.
Како многумина од припадниците на внатрешниот круг на тиранот, Наср потекнува од племето на Гадафи. Без племенското име – и децениската служба – тој, веројатно, немаше да добие место покрај неговиот господар во последните денови. Гадафи беше напуштен речиси од секој што го овластил, а многумина од оние што останале едноставно имале многу да загубат прифаќајќи го неизбежното пропаѓање на режимот.
Последните неколку очајни месеци Наср ги гледа низ поедноставна призма. „Им верував кога рекоа дека се бориме против лоши луѓе“, рече тој. Останал лојален дури и кога му било речено да се пензионира од службата во март. „Ми рекоа да ја завршам работата на 17 март и јас се вратив во Сирт“. Наср вели дека повторно го видел Гадафи во септември откако тој го напуштил Триполи со четворица други луѓе – Мансур Дао, Мохамед Фахима (возачот кој го заменил), Изедин ал-Шира (шеф на обезбедувањето) и Абдула Камис. Наср не беше јасен кога дознал дека неговиот поранешен шеф е во Сирт. Тој рече дека тоа било околу 10 октомври, но поголем дел од оние што останаа од внатрешното светилиште формираа заштитна гарда неколку недели претходно.
Во вторникот изутрина, лојалниот возач на Гадафи бил фрлен во задниот дел на камион и пренесен длабоко во пустината со неколкумина други луѓе. Видел дека неговиот поранешен шеф го спуштаат во необележен гроб и го покриваат со песок. Тоа е судбина што никогаш не ја очекувал за човек кој го сметал за безгрешен. Судбината на Наср е уште понесигурна. (Гардијан)
Синот на Гадафи сака во Хаг
Дубаи - Синот на Моамер Гадафи, Сеиф ал-Ислам, бара авион што ќе го извади од јужниот пустински дел на Либија за да може да се појави пред судот за воени злосторства во Хаг, изјави извор од либискиот Национален преоден совет.
Според изворот од ПНС, Сеиф ал-Ислам и поранешниот шеф на разузнавањето Абдула ас-Сенуси сакаат да се предадат на Меѓународниот кривичен суд од каде против двајцата е издадена наредба за апсење.
Изворот од ПНС изјави дека синот на Гадафи не ја напуштил Либија и се наоѓа кај лидерот на туарезите во пустината.
„Сеиф стравува за својата безбедност. Тој смета дека најдобра можност за него е да се предаде“, изјави изворот. Според него, синот на Гадафи сака трета земја, можеби Алжир или Тунис, да учествува во договорот за негово префрлање во Хаг.
За тоа време, поранешниот шеф на либиското воено разузнавање Абдула ас-Сенуси кој, исто така, е баран од Меѓународниот кривичен суд, преминал од Нигер во Мали со некои од своите соработници, соопштија извори од службите за безбедност на Нигер и на Мали, пренесоа француските медиуми. |