15.06.2012, 17:36 Храна или хотели, индискиот милијардер најавува голем бизнис
Сопственикот на „Сахара Индија Паривар“, вредна 25 милијарди долари, сака да инвестира во агробизнисот и во туристички комплекси
Сања Наумовска
„Дојдени сме за голем бизнис. Друго и не ни прилега“. Вака индискиот милијардер Субрата Рој, сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“, ги најави своите планови за инвестирање во Македонија по средбата во Владата со премиерот Никола Груевски и министрите од економскиот тим. Рој најави дека е заинтересиран е за инвестиции во агробизнисот, особено за производство на месо за извоз, како и за изградба на туристички комплекси, поточно хотели и казина.
„Во овој момент не можам да кажам за што ќе се одлучиме и колкава вредност ќе има. Дајте ми неколку дена. Во секој случај ќе биде голем бизнис. Или производство за голем извоз или пак глобална туристичка дестинација“, истакна Рој. Тој за време на посетата на Македонија, која ќе заврши утре, ќе посети повеќе локации низ државата каде што би можеле да се реализираат неговите инвестиции.
На средбата во Владата, Рој изразил интерес за повеќе области, како агроиндустријата, преработувачката индустрија, туризмот, градежништвото, недвижностите, туристичките зони, како и експлоатација на минерални суровини.
„Македонија е домаќин на уште еден значаен бизнисмен, а нашата цел е да оставиме добар впечаток како добра дестинација за почнување бизнис“, истакна вицепремиерот Зоран Ставрески.
Индискиот мултимилијардер е основач и сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“, која како што рече, вработува половина од популацијата на Македонија, односно еден милион луѓе. Рој е прогласен за еден од највлијателните луѓе во Индија, а вложува во голем број бизниси како финансиите, осигурувањето, градежништвото, изградба на болници, универзитети.
„Ние сме големи, почнавме со 40 долари во 1978 година, а сега имаме 25 милијарди долари“, рече Рој. Тој е машински инженер, завршил основно училиште во Калкута. Компанијата „Сахара“ има направено град во Мумбаи Пуна, кој се протега на површина 10.000 хектари. Поседува и медиуми, сопственик е на национален канал за вести, „Сахара еден“, канал за филмови и национален неделник на англиски јазик. Тој е вклучен и во производство, маркетинг и дистрибуција на филмови, има свој филмски град. Поседува и болници, хотели, а вложува и во образованието на младите во Индија. Рој е голем поддржувач и на спортот и на меѓународно и на регионално ниво. Неговата компанија е спонзор на крикет и хокеј тимови и финансира над 91 спортист во бокс, борење и стрелаштво.
Рој сака да гради споменик на Мајка Тереза
Релаксиран, насмеан и опуштен, индискиот милијардер Субрата Рој вчерашната средба со новинарите ја почна со своите впечатоци за Македонија и неговите домаќини. Рече дека за Македонија го врзува големото и долгогодишно пријателство со Мајка Тереза, која пред нејзината смрт му оставила аманет да се грижи за нејзините сиромашни деца. Рече дека ќе биде многу среќен да изгради нејзин споменик во Скопје.
„Емоциите ме водат кон вашата земја. Првенствено заради Мајка Тереза, но и заради пријателските и искрени луѓе кои ги запознав во Индија, а кои ме дочекаа и денеска“, рече Рој. Тој бил импресиониран од пречекот на аеродромот „Александар Велики“, каде што го чекаше вицепремиерот Зоран Ставрески. Иако приватниот „боинг“ на Рој слетал половина час порано, вицепремиерот веќе го чекал, и тоа без обезбедување, што особено го импресионирало милијардерот.
|