17.06.2012, 15:03 Интервју - Виница нема слободна рака за новите фабрики
Стапката на невработеност во градот е осум проценти, што е европски просек, вели Емил Дончев, градоначалник на Виница
Иван Бојаџиски
Штип – Виница е најсреќниот град во Македонија! Тоа е општина со европска вработеност. И, додека секој друг град има само по нешто, на истокот од државата само Виница ги има сите содржини за исполнет живот на граѓаните и вон работното време. Малото гратче обезбеди најмногу странски инвестиции. Во постојан пораст е бројот на новороденчиња. За новата, голема странска инвестиција ќе нема доволно слободна работна сила. На овие и други теми разговараме со градоначалникот Емил Дончев.
Господине Дончев, како денес би го опишале градот и општината во кои ја имате највлијателната функција?
Виница пулсира и се развива во една одлична атмосфера. Она што е најважно за сите, а тоа е работата и егзистенцијата на луѓето, кај нас е приоритет исполнет речиси стопроцентно. Општината има околу 20.000 жители, од кои 12.000 живеат во градот. Стапката на невработеност е осум проценти, што е европски просек. Ние немаме слушнато за така ниско ниво на невработеност во која било друга македонска општина. И на тој факт сме исклучително горди. Ова ќе го потврдам и со податокот дека имаме 4.500 вработени и 1.200 невработени од кои 85 проценти се на возраст од над 55 години, а останале без работа во времето на транзицијата и денес тешко можат да сметат на ново вработување.
На што, според Вас, се должи овој европски раритет во македонски услови?
На нашата економија. Виница има развиено стопанство во кое речиси сите стопански субјекти работат добро. Носечки капацитети се „Макпрогрес“, „Мебел Ви“, „Тондах“, СБВ, „Трико“, „Мебел трејд“, „Ротом“, оранжерии „Самандов“, „Апитекс“, „Виничанка“. Според големината на нашата општина, слободно можам да кажам дека ние сме мало место со најмногу успешни странски инвестиции по глава на жител. „Тондах“ е австриска инвестиција, инвеститорите во СБВ и „Виничанка“ се од Холандија, „Ротом“ е нова инвестиција од Словенија. Уште поважно е што сите фирми, без оглед дали инвеститорите се домашни, или од Европа, работат со профит, што значи сигурност на работните места и сигурност на платите.
Неодамна говоревте за најави за нови инвестиции. Колку е тоа сериозно?
Виница е меѓу 14 општини кои добија право да продаваат државно неизградено градежно земјиште. Пред моето доаѓање на оваа функција полни девет години Општината беше со блокирана сметка за еден милион евра од кои половина беа по основ на извршни решенија. Пред 18 месеци донесовме одлука 20 милиони денари кои ги остваривме со продажба на градежно земјиште да ги исплатиме сите извршни решенија, да не плаќаме големи камати и да ја деблокираме сметката за да можеме да работиме. Тоа ни овозможи да можеме да продаваме земјиште, да привлечеме нови инвеститори и да отвораме нови работни места. Продадовме плац од 10.000 квадратни метри на австриската фирма „Експорт“, која ќе гради фабрика за производство на опрема за противпожарни единици и ќе отвори 200 нови работни места.
Во градот се говори дека ќе немате 200 слободни млади луѓе за во фабриката. Но, не само поради малиот број невработени, туку пред се' поради фактот дека 4.000 млади од општината се иселија низ Европа за да си го заработат лебот
И тоа е точно. Близу 4.000 наши млади заминаа во потрага по својата среќа. Ние се носиме со идеја наскоро да заминеме во Италија и во две места во кои има најмногу млади од нашата општина да имаме средби со нив. Да ги повикаме да си дојдат дома, да им кажеме дека и тука има работа за нив. Како резерва ни стои Кочани, кој од Виница е оддалечен само 10 кил��метри, град во кој бројот на невработени е исклучително голем.
Виница важи за место кое нуди многу содржини за активен живот и по работното време. Како дојдовте до тоа ниво?
Како град сме познати по многу нешта. Имаме најубав парк во овој дел на државата, олимписки базен, спортска сала со 1.200 седишта во која се одржа и едно светско првенство во ракомет за јуниорки, но и државно првенство во бокс, како и завршниот турнир во кошарка. Имаме преубав плоштад со многу фонтани, имаме музеј кој лани беше посетен од над 4.000 главно странски туристи, тука е Виничкото кале, ретко археолошко наоѓалиште од кое теракотните икони беа претставени во музеите во Москва, Париз, Рим, Ватикан, Утрехт и други големи европски градови.
За Виница се врзува приказната и околу наталитетот. Се говори дека овој град прави револуционерни чекори во оваа насока?
Дека и тука сме меѓу првите во државата, говори следниов податок: пред четири години имавме 180 деца во градинката, а денес таму престојуваат сто деца повеќе. И овој факт говори дека тука имаме добра социоекономска состојба, дека младите се задоволни и се' повеќе склучуваат бракови, а многу од нив се одлучуваат и за трето дете.
Виничкото Кале е знакот по кој Виница најмногу се препознава. Но, таму сега не се работи. Зошто?
Сега сме пред голема инвестиција која на Калето ќе му даде една сосема нова димензија. Се збратимивме со Банско од Бугарија и заедно работиме на трансграничен проект со кој е предвидено комплетно инфраструктурно уредување на калето, пристапни патишта, ознаки, осветлување... Инвестицијата е 300.000 евра и е од ИПА-фондовите.
Што Вие како градоначалник направивте за овие 3,5 години од мандатот. Што Ви дава за право да барате нов мандат, за што во Виница се говори?
Генерално, општината има добра инфраструктура. Во мојот мандат изградивме и асфалтиравме 20 километри патишта и улици. Во целата општина имаме само осум километри патишта без асфалт. Први во Македонија, со јавно приватно партнерство извршивме замена на уличното осветлување со штедливи светилки. Го зголемивме квалитетот и заштедуваме добри пари. Ја деблокиравме сметката, доведовме нови странски инвеститори, секојдневно го разубавуваме градот, инвестираме во селата. Сето тоа ми дава за право да барам нов мандат за што веќе изготвувам програма. |