15.06.2012, 17:56 Војна за борецот Стив Наумов
Бришење на историјата или ротација на улиците: се разгоре дебатата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Горан Адамовски
Стив Наумов и вчера беше во центарот на пресметката меѓу двете најголеми партии во земјава. Опозицискиот СДСМ протестираше на мостот кај „Холидеј ин“ во Скопје, односно на улицата што до завчера го носеше името на народниот херој од Втората светска војна, а која по ново ќе се вика „Филип Втори“ и го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека со едно кревање рака, по вторпат го убиле еден од најголемите македонски синови, кој се жртвувал за слободна и независна Македонија. Од владејачката партија, пак, возвратија дека станува збор за ротација, односно дека Стив Наумов ќе добие друга улица во Центар и апелираа до политичките противници да водат здрава дебата, а не да прават опструкции.
„Стив Наумов го даде својот млад живот за ние денес да имаме своја татковина. Актуелната власт може само да сонува за придонесот кој тој го дал за македонскиот народ и држава“, изјави на вчерашниот протест Андреј Петров, генерален секретар на СДСМ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, од пред седиштето на СДСМ порача дека не се брише Стив Наумов, напротив, ќе добиел подолга улица и ги обвини опозиционерите дека свесно лажат и манипулираат.
„Оваа партија како наследник на Сојузот на комунисти е 70 години на власт и тие не градеа споменици на Македонци, туку најголемиот дел од спомениците беа изградени за туѓи лица и туѓи истории“, изјави Бичиклиски.
Стотина граѓани, меѓу кои речиси цел пратенички состав на СДСМ (претседателот Бранко Црвенковски не беше присутен) и нивните коалициски партнери, се собраа на мостот со „најскапа ограда“. Извикуваа „Македонија, Македонија“, „Стив Наумов“, а ВМРО-ДПМНЕ ги почестија со „крвници“.
„ВМРО-ДПМНЕ го заработи најсрамното место во поновата македонска историја. Тие подмолно сакаат да го избришат ликот и делото на Стив Наумов, а во исто време го величаат крвникот на македонскиот народ, Тодор Александров“, оцени Петров.
На крајот од протестот, на оградата од мостот беа залепени фотографии од Наумов. Протестот беше мирен, траеше петнаесетина минути, и за тоа време полицијата го пренасочуваше сообраќајот. Не беше ни малку напнато како во четвртокот, кога дури беше и скршена вратата од бараките на Град Скопје. Во МВР велат дека вчераутро добиле налог од судот да ги идентификуваат луѓето што се обиделе насилно да влезат во собраниската сала на град Скопје. Четврточниот инцидент го осуди и Ирена Мишева, претседателка на Советот на град Скопје.
„Тоа е недозволиво однесување и претставува најгруба злоупотреба на една институција и класично непочитување на имотот кој им припаѓа на граѓаните на Скопје. Навредливо е за граѓаните на Скопје, пратеници на СДСМ кои вчера беа присутни на седницата, од Штип, од Гевгелија, од Ресен, од Битола да си го земаат правото во име на скопјани да одлучуваат за тоа што е добро, а што не. Мора да се зачува дигнитетот на Советот на град Скопје, потребна е здрава дебата, а не промовирање и наметнување насилство“, рече Мишева на вчерашната прес-конференција.
Според неа, целата постапка околу промена на имињата на улици во Скопје е транспарентна и била водена на демократски начин. Појасни дека Советот веќе повеќе месеци се занимавал со оваа проблематика, а оваа точка трипати била на дневен ред.
„Стив Наумов за нас има посебно значење и добива име на улица во општина Центар. Би апелирала овие недемократски и нецивилизациски пракси што ги промовира СДСМ да прекинат, наместо да ги напуштаат седниците на Советот и прават опструкции, да разговараме заедно и да доаѓаме до заеднички разумни решенија“, истакна Мишева и надополни дека „треба да се престане со праксата да се применуваат модалитетите на поранешниот систем кога само оние кои беа подобни за комунистичката партија имаа можност да бидат одбележани и славени“.
За СДСМ, тоа што Стив Наумов ќе добие друга улица е само алиби. Повторуваат граѓаните да не брзаат да вадат нови лични карти, бидејќи, според нив, промената на имињата на улиците, мостовите и булеварите ќе трае само девет месеци, односно до следните локални избори, кога очекуваат да ја преземат градската власт. |