15.06.2012, 17:57 Изјавите на Борисов аларм и за Грција
Вистинска загриженост или патриотизам за домашна употреба - е дилемата околу изјавата на бугарскиот премиер за „Северна Македонија“
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Одлуката на бугарскиот премиер Бојко Борисов да вмеша прсти во македонско-грчкиот спор за името предизвика реакции и во Грција, со дилема дали тоа е само наплив на патриотизам за домашна употреба поради немањето строга политика кон Македонија. Грчкиот дневен весник „Катимерини“ пишува дека во Бугарија стравуваат од имиња Северна или Горна Македонија бидејќи тие би претставувале закана за нејзиниот територијален интегритет.
„Несогласувањето на Бугарија со решение со географска одредница не е нешто ново, меѓутоа ова е прв пат да биде изразено на толку остар начин од врвот на владата“, стои во анализата. Се додава дека иако бугарската влада забележала дека нема да става пречки во процесот на решавање на спорот, сепак реагираат поради географската одредница.
„Дали знае нешто повеќе непредвидливиот Борисов, па побрза да каже дека неговата држава нема да остане рамнодушна ако се почувствува дека се загрозуваат нејзините интереси, или пак ова беше само излив на патриотизам наменет за оние во Бугарија кои ја обвинуваат неговата влада за недостиг од строга политика кон иредентизмот во Скопје. Бугарската страна изгледа одлучна да се вмеша во преговорите за името, без да биде јасно дали таквата интервенција ќе ги олесни преговорите“, се вели во анализата на грчкиот весник. Се заклучува дека ваквото мешање и размената на премиерски изјави во врска со ова покажува дека можеби се појавуваат облаци над односите меѓу Македонија и Бугарија.
Од друга страна, одговорниот за надворешна п��литика во Нова демократија, Панос Панајотопулос, оцени дека македонскиот премиер Никола Груевски е во ќор-сокак по НАТО-самитот во Чикаго и тоа не може да го сокрие од македонскиот народ. Коментарот на Панајотопулос доаѓа како реакција на последните изјави на Груевски поврзани со Грција и македонскиот идентитет.
„Порано или подоцна, премиерот Груевски ќе сфати дека во интерес на неговиот народ е да се покаже расположение за компромис и помирување со Грција. Треба да се напуштат непопустливите позиции за да има едно правилно решение за спорот за името, со што ќе се врати стабилноста, безбедноста и соработката меѓу двата народи во регионот“, коментира Панајотопулос. Според него, Грција досега ги направила потребните чекори за да се најде заеднички прифатливо решение и ја повика македонската влада да го направи истото. „Историската реалност за Македонија е една и запишана од сите историчари на светот. Што и да направи господинот Груевски, тоа не може да го измени“, тврди првиот човек за надворешна политика на најголемата грчка десничарска партија. |