17.10.2011, 18:23 Почна изградбата на „Џонсон контролс“ во Штип
Во индустриската зона вчера беше ставен камен-темелник на новиот капацитет на „Џонсон контролс“, инвестиција тешка 20 млн.евра
Иван Бојаџиски
Штип – „Џонсон контролс“ ја почна изградбата на втората фабрика во Македонија. Вчера во и��дустриската зона на Штип беше ставен камен-темелник на новиот капацитет кој ќе се простира на 15.000 квадратни метри од кои 12.500 квадрати ќе бидат згради.
Потпретседателот на трим-операциите на „Џонсон контролс“, Владимир Теплик појасни дека компанијата има 20 фабрики во Европа, а две од нив се веќе во Македонија. „Благодарејќи на добрите економски политики на Владата ние ја почнуваме реализацијата на втората наша фабрика во Македонија. ’Џонсон контролс‘ е сериозна компанија која со свои фабрики е присутна во 150 земји во светот во кои работат 154.000 работници. Ние овде наидовме на најдобри услови за гринфилд-инвестиции и затоа меѓу шест земји од Југоисточна Европа и две од Африка ја одбравме вашата држава. Во еден погон на ’Македонка‘ почнаа да пристигнуваат машините и во него ќе се оспособуваат првите кадри за потребите на производството на автомобилски навлаки со кои ќе снабдуваме повеќе фабрики за автомобили во Европа. Тоа значи дека овде ќе се произведува за извоз, за европскиот пазар“, рече Теплик.
Фабриката ќе биде готова за 12 месеци и ќе биде пуштена во работа во октомври идната година. Во неа „Џонсон контролс“ вложува 20 милиони долари, а ќе има работа за 1.400 работници.
На ставањето на камен темелникот на фабриката на оваа американска компанија во индустриската зона кај Штип, вчера присуствуваа и премиерот Никола Груевски, и американскиот амбасадор Пол Волерс. Изградбата на втората фабрика на оваа американската компанија ќе биде позитивен сигнал за странските инвеститори што се двоумат дали да инвестираат во Македонија, ќе влијае на економскиот просперитет на источниот дел од државата и на намалување на бројот на невработените, се надева премиерот Никола Груевски. „Во услови на светска економска криза, на бранувања во соседна Грција, нашава држава доживува експанзија од странски инвестиции што се огледаат во шест големи проекти што ќе ја раздвижат националната економија и ќе влијаат врз зголемување на вработувањата. Оваа фабрика ќе биде готова за една година, а во неа ’Џонсон контролс‘ вложува 20 милиони долари, и ќе има работа за 1.400 работници. Ако една ваква угледна светска компанија каква што е ’Џонсон контролс‘ со две свои фабрики доаѓа во Македонија, тоа секако е значаен репер и за други светски компании да го следат нејзиниот пример, но тоа е и знак дека спроведуваме добри економски политики“, истакна Груевски. Амбасадорот на САД во нашата држава Пол Волерс порача дека за неговата земја промовирањето на економските можности и растот на економијата е приоритет. „Нашата амбасада ги информира бизнисмените во САД за можностите за инвестирање во Македонија, се обидуваме да помогнеме во однос на бизнис климата што го направивме со подршка на Е- владата. ’Џонсон контролс‘ се реши да инвестира во Македонија во економско тешко време и оваа компанија докажа дека упорноста се исплатува. Убеден сум дека фабриките на оваа компанија во Скопје и во Штип ќе работат успешно и ќе придонесат за благосостојбата на граѓаните“, порача Пол Волерс. Инаку, штипска „Актива“ предвреме ги заврши работите на реконструкцијата на 6.000 квадратни метри на поранешен „Политекс“ во кругот на некогашниот текстилен комбинат „Македонка“ каде што привремено ќе се смести „Џонсон контролс“. Веќе траат и интервјуата со заинтересираните за работа во овој нов стопански капацитет, кој планира да вработи околу 1.400 работници.
Волерс за малку ќе настрадаше
Штипскиот ветер за малку ќе го расипеше задоволството од настанот. Имено, за време на обраќањето на американскиот амбасадор Пол Волерс одеднаш дувна силен ветер проследен со големи облаци од прав, поради кој се скина стреата со макетите на фабриката што стоеше зад амбасадорот. Се срушија и знамињата на двете држави како и звучниците преку кои се пренесуваа говорите. Амбасадорот не ја напушти говорницата и со широка насмевка рече дека нема да го уплаши ветерот, по што продолжи со говорот. Тоа беше големо олеснување за обезбедувањето, а амбасадорот доби огромен аплауз од присутните. |