17.10.2011, 17:36 Хелсиншки: Обвинителство потфрли во случајот за Мартин
„Во Македонија се' уште не постои волја и подготвеност кај надлежните органи да спроведат непристрасна истрага“, се констатира во извештајот на Хелсиншки комитет
Јавното обвинителство потфрли на тестот за спроведување ефикасна и темелна истрага во случајот за Мартин Нешковски, оцени Хелсиншкиот комитет во својот најнов извештај за периодот август-септември. Комитетот со загриженост заклучува дека во Македонија се' уште не постои волја и подготвеност кај надлежните органи да спроведат компетентентна, независна и непристрасна истрага изолирана од политички и други влијанија. Оттаму апелираат до Јавното обвинителство да изготви јасни процедури за водење истраги при полициска бруталност, согласно меѓународните стандарди и да се придржува до нив.
„Поминаа четири месеци во исчекување на резултатите од истрагата за смртта на младиот Мартин, во кои државата имаше можност да ја поправи својата грешка од обидот за прикривање на случајот.
Но, очигледно укажувањата на пошироката и експертската јавност за темелна и ефикасна истрага не допреле до Јавното обвинителство, кое го подигна обвинителниот акт само против осомничениот полициски специјалец, изоставајќи ги сите други евентуални негови помагачи или соучесници“ се констатира во извештајот на Хелсиншкиот комитет. Во него се нагласува дека „Јавното обвинителство не успеало да се издигне над своите блиски релации со МВР и да докаже дека сите еднакво одговараат според законите“, и покрај тоа што велат дека се очекувало истрагата да оди брзо поради големиот број сведоци и безбедносни камери во близина на немилиот настан. Според ХК, Македонија има обврска за спроведување ефикасна, непристрасна и темелна истрага ослободена од какви било политички или други влијанија, особено во случаи на полициска бруталност согласно домашните и меѓународните документи. Комитетот со жалење констатира дека државата во неколку наврати има потфрлено на ова поле поради што е предмет на критика на Комитетот против тортура кој укажува дека за полициските пречекорувања треба да одговараат не само конкретните сторители, туку и сите оние кои знаеле дека се случило такво нешто, но не го спречиле или пријавиле. Комитетот укажува дека забелешки за полициската бруталност има и во Извештаите на Европската Комисија како и во пресудите против Македонија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во последниот месечен извештај Комитетот во голема мерка се осврнува на медиумите. „Замолчувањето на медиумите и притисоците врз новинарите претставува неприфатливо загрозување на правото на граѓаните да бидат информирани“, се вели во извештајот, во кој се потенцира дека се добива впечаток дека како никогаш до сега новинарите не биле предмет на притисок од два паралелни извора - владината кампања и провладините новинари.
Хелсиншкиот комитет се осврнува и на говорот на омраза за кој вели дека станал вообичаена комуникација. „Никој веќе не се тревожи кога во Собранието јавно се прогласуваат пратеници за „грчки сватови“, „предавници“, ако новинарите меѓусебно се обвинуваат за „предавничко кодошење“, или пак со крајна злоупотреба на различни маргинализирани групи се напаѓа политичкиот опонент“ се вели во извештајот, во кој се нагласува потребата говорот на омраза да биде дефиниран во Кривичниот законик. (Ж.Х.З.) |