17.10.2011, 17:42 Опозицијата бара Анкетна комисија за пописот
Пратеничката група на СДСМ поднесе иницијатива за формирање анкетна комисија во Собранието за да се испита целиот случај околу поништувањето на пописот и да се одложи уништувањето на пописниот материјал. „Бараме надлежните институции да го одложат уништувањето на пописниот материјал кој е единствениот доказ за утврдување на евентуалниот пописен фалсификат и сите други злоупотреби поврзани со пописот во обид“, истакна Ана Павловска Данева, потпретседател на СДСМ. Таа очекува ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја прифатат иницијативата за, како што рече, да се утврдат виновниците за евентуалниот пописен фалсификат, а истовремено и одговорноста за потрошените 14 милиони евра да ја сносат конкретни лица.
„Го повикуваме јавното обвинителство да постапи во случајот ’пописен фалсификат’ и во интерес на вистината да изрече времена мерка со која ќе го спречи уништувањето на пописниот материјал“, вели Данева.
Со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ кои ја повикуваат Павловска-Данева да се координира со своите сопартијци од пратеничката група и да заземат заеднички став во врска со прекинувањето на пописот.
„Дали конечниот став на пратеничкиот состав на СДСМ за пописот е оној што го изнесува Ана Павловска-Данева пред камерите или оној кој останатите пратеници на СДСМ непосредно го споделуваат со нас, односно дека сме направиле добро за Македонија што се прекина спроведувањето на пописот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-Народна партија, пак, бараат да се одреди датум за следниот попис, бидејќи, според нив, е неприфатливо да се оди на какви било избори без спроведен попис.
„Прекинувањето на пописот им одговара и на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ затоа што голема ќе беше веројатноста бројката на попишаните лица во одредени места да биде многу помала од бројката на лицата кои излегоа на парламентарните избори, а со тоа ќе се потврдеа сомневањата околу регуларноста на изборите“, рече Дино Блажевски, портпарол на партијата. (Св.У.) |