17.10.2011, 18:10 Патот кон ЕУ е тежок
Македонија домаќин на Регионален состанок на министрите за евроинтеграција
На вчерашниот регионален состанок на министрите за евроинтеграција во Скопје, Теута Арифи порача дека без поддршка на премиерот Никола Груевски, евроинтеграцијата на Македонија не ќе можела да бележи успех. Самиот премиер го истакна значењето на ваквиот состанок во вистинско време, т.е. веднаш по извештаите на Европската комисија, и изнесе еден куп аргументи, т.е. закони за да покаже што се направила реално Владата за да се забрза овој процес. Директорот, пак, на директоратот за проширување на ЕУ, Стефано Санино оцени дека Македонија секогаш имала позитивна улога во регионот и дека тој ги потврдува напорите на нашата Влада за приближување кон ЕУ. За хепиенд придонесе шефот на дипломатијата Никола Попоски, кој изјави дека укажувањата на Брисел се прифаќаат како добронамерни и ќе се преточат во мерки. Па, отиде понатаму, велејќи дека очекува Европскиот совет оваа година конечно да одреди датум за преговори на ЕУ со Македонија.
Практично се повторија познатите позиции на едната и на другата страна. Санино, имено, порача дека Македонија и другите земји од регионот треба да се фокусираат на реформите во судството и јавната администрација, на слободата на изразување, на забрзување регионалната соработка и помирувањето и на одржливо економско опоравување.
За премиерот третата препорака е признание за придонесот на Владата и на сите граѓани во остварените резултати во изминатата година. „Работите што зависат од нас, посочи Груевски, ги исполнуваме во континуитет и бескомпромисно. Уверен сум дека Македонија во овој момент има капацитет, и кадровски, и организациски, и вредносно, па и културолошки да ги почне проговорите за членство во ЕУ и ќе биде фер и чесно тоа да и' се овозможи, нагласи тој. Не пропушти, сепак, да ја спомене големата неправда со која се соочува, блокадата на Грција со порака дека исполнувањето на Копенхашките критериуми треба да остане единствен критериум за напредок кон членство во ЕУ.
„Иако патот кон ЕУ, може да биде долг и тежок, тоа е пат кој што има крај и ќе се дојде до дестинацијата, сметаше известителот за Македонија во ЕП Ричард Ховит. Според него, препораките не се дадени еднаш засекогаш и доколку некој не работи на постигнување напредок, ќе има последици“, заклучи тој. (С.Ј.) |