26.07.2012, 20:58 СДСМ: Увозот на скапа струја ќе го платиме сите
СДСМ смета дека најавеното поскапување на струјата и на парното, заедно со поскапувањето на бензините, силно ќе ги погоди фирмите, ќе предизвика поскапување на многу други производи и ќе претставува огромен удар врз џебот на граѓаните. Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, вчера истакна дека струјата повеќе од двојно поскапаела за последниве шест години, а бидејќи Владата непродуктивно ги троши парите наместо да вложува во изградба на нови енергетски капацитети за да се зголеми домашното производство. „Македонија е зависник од увоз на скапа струја од странство, а сметките за таквото недомаќинско однесување ќе мора да ги платат сите граѓани на нашата земја. И што е најстрашно, ова поскапување на струјата сигурно не е и последно, бидејќи не го решава суштинскиот проблем. Струјата поскапува во време кога ЕЛЕМ троши милионски суми на рекламни кампањи и кога МЕПСО најавува барокни фасади и лавови за административната зграда и кога не се свесни дека последното поскапување силно ќе ги погоди фирмите, граѓаните, а ќе предизвика и огромен удар врз џебот на граѓаните“, изјави вчера Јовановски. (Ек.Р.) |