26.07.2012, 20:52 Црната листа на САД со стари имиња
Нема нови имиња на ажурираната „црна листа“ на американскиот Стејт департмент. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, заедно со Џеват Адеми од ДУИ, остануваат најатрактивните имиња од Македонија на кои им е забранет влез во САД. На списокот, вообичаено, се актуелни претседатели на партии, самопрогласени армии и движења, поранешни команданти и опасни криминалци.
Друштво на Тачи и на Адеми, на непопуларната листа им прават претседателот на Нова демократија, Кастриот Хаџиреџа, самопрогласениот лидер на Илирида, Невзат Халили, поранешниот член на ОНА, Нури Беџети, првиот човек на т.н. Албанска национална армија, Гафур Адили, опасниот Џемаил Хисени, Даут Реџепи како командант Лека и поранешниот член на ОНА, Џезаир Шаќири од Танушевци.
На американската црна листа се и АНА и Фронтот за национално обединување на Албанците (ФНОА), како организации кои се појавиле по 2001 година. Влезот во САД им е забранет и на неколку лица од Ирак, кои имаат албанско државјанство, како и на Идајет Беќири.
Беќири е лидерот на албанската националистичка партија за национално единство и поранешен политички секретар на т.н. АНА. Тој беше уапсен кон крајот на мај од страна на косовската полиција на преминот „Морина“, на границата со Албанија, при влез во Косово, врз основа на меѓународна потерница издадена од белгиските власти, каде е осуден на четири години затвор, под обвинение за планирање напади во Македонија и на Косово. (Г.А.) |