26.07.2012, 20:52 Посакувам Александар Николовски да ми биде противкандидат
„Во Охрид анкетите покажаа дека најголемите шанси за победа ги имам јас и токму од таа причина ја прифатив кандидатурата“, вели Александар Петрески
Елена Михајловска
По трет пат ќе влезете во трка за градоначалничката фотелја во Охрид?
Пред шест месеци, на ниво на партија разговаравме на оваа тема, се договоривме дека основен принцип за кандидатура секаде во Македонија ќе бидат анкетите, кои ќе покажат која личност има најмногу шанси да извојува победа и дека таа личност ќе биде кандидирана. Во Охрид анкетите покажаа дека најголемите шанси за победа ги имам јас и токму од таа причина ја прифатив кандидатурата. Тоа значи дека граѓаните ме поддржуваат и од нивната доверба ќе ја црпам енегијата.
Кој кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, го посакувате за противник на изборите ?
Јас мислам дека, прво, ќе треба најмалку еден месец да помине за ВМРО-ДПМНЕ да се соземе од мојата кандидатура, зошто единствено тие се плашеа, се плашат и се' уште се плашат од мојата кандидатура. Можам да кажам дека до пред некој ден повеќе го посакував Цветко Грозданов за противкандидат, не од причини што за него имам негативно миселње, туку од причини што сметав дека со него, борбата за освојување на градоначалничката фотелја ќе биде интересна. Но сега посакуван противкандидат ми е пратеникот Александар Николоски, кој според мене конечно треба да излезе од сенката и да собере храброст и да се кандидира. Ако знае да критикува, ако мисли дека вреди и дека го почитуваат во градов еве нека повели и нека се кандидира. Сите овие години наназад многу сака да зборува против мене и смета дека ништо не сум направил, еве му можност тој да се докаже. Други кандидати кои се в�� игра во противничкиот табор се и Јордан Размоски и пратеникот Харалампие Шокароски.
Ве плаши ли предизборната борба, со оглед на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ, одамна ја посакува општинската власт во Охрид и дека со сите сили ќе се бори за оваа позиција?
Вопшто не ме плаши предизборната борба, зошто сметам дека полошо од претходните избори нема да биде. Мислам дека повеќе нема да беснеат од тоа што беснееа на претходните локални избори. Пред четири години овде за изборите беше целата влада, сите министри, се закануваа по бизнисмените, се закануваа по граѓаните, правеа се' и сешто. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ, беше убедливо најсилна политичка партија во Македонија и тогаш и покрај се' не успејаа да ја добијат власта во Охрид. Сега не се плашам, бидејќи не се во толку јака позиција. Јас како шеф на изборниот штаб ги победив и на последните парламентарни избори, па затоа сум убеден дека оваа победа, која ќе ја извојувам на претстојните локални избори ќе биде поубедлива од сите досегашни. Овие локални избори ќе бидат многу повеќе од локални избори и не е чудно овие избори да бидат заедно со парламентарните избори. Убеден сум дека на овие избори СДСМ ќе добие огромна поддршка и очекувам да освоиме минимум 25 градоначалници.
Добивте поддршка од партиското раководство и членство на вашата матична партија, што е чудно, бидејќи во последниот период не бевте во многу добри односи со локалните партиски челници на СДСМ?
Благодарам на поддршката која ја добив во мојата партија, која искрено ја очекував. Но интересите на партијата не можам да ги ставам пред интересите на Охрид и граѓаните. Нормално е дека партиските членови не ги интересира толку работата во градот, не ги интересира односот спрема охриѓани, начинот на кој работам, туку ги интересира само пратиската страна. Јас како одговорен човек работата како градоначалник мора да ја работам професионално и да бидам еднаков за сите, зошто само тогаш најмногу можам да направам и за партијата и за членовите. Мислам дека поголемиот дел од членството тоа го сфаќа, меѓутоа секогаш има и некои кои тоа не го сфаќаат. На пример ако имаме 2000 задоволни и 20 незадоволни, секако гласот побрзо ќе слушне од оние кои не се задоволни и затоа се добива впечаток дека така мисли целата партија.
Доколку охриѓани повторно се одлучат за Вас, со што ќе ја оправдате нивната доверба?
Сигурен сум дека пред наредниот градоначалнички мандат или во неговите рамки, ќе се смени власта во Македонија. Затоа сум сигурен дека во наредниот мандат ќе се направи сето она што досега се стопираше од централната власт. Први инфраструктурни проекти на владата на СДСМ ќе бидат израдбата на автопатот Гостивар-Охрид, на автопатот Битола -Охрид и на патниот правец Охрид-Свети Наум. Приоритетни проекти ќе бидат изградбата на Домот за пензионери, Автобуската станица, современ пазар, пречистителни станици за Трпејца, Љубаништа и Свети Наум. Очекувам овие проекти да бидат готови уште во првата година од наредниот мандат.
Што е она што Вие во Вашето осумгодишно владеење му го дадовте на Охрид?
Во Охрид во овој мандат го решивме најгорливиот проблем, а тоа е водоснабдувањето на градот и го завршивме колекторот до Пештани.Во претходниот мандат приоритет во нашето ветување беше до секоја куќа да има осветлување, во секое маало да има детско игралиште, до секоја куќа да има асфалт и тротоари и до сите цркви и манастири да се изградат патишта. Голем проект кој исто така го релизиравме е изградбата и ревитализирање на канализациската мрежа во сите населби и во поголемите села. Реката Грашница повеќе не загадува како што загадуваше. Една од најважните работи кои ги направивме се во делот на образованието, ги обновивме сите основни и средни училишта. Посебно сум горд на спомениците Свети Климент и Свети Наум, кои ги поставивме во центарот на градот. Но, голем број проекти, иако долго време ги најавувате останаа неостварени како што се автобуската станица, катните гаражи, пазарот, домот за стари лица, затворениот базен, студентскиот комплекс кај касарната?
Сите овие проекти не се направени во Охрид, само од политички причини. Многу ми е криво што поради политички поени многу проекти кои се значајни за градот не се остварени. За сите овие работи ние како локална самоуправа бевме условени од централната власт или со земјиштето, на кое се уште не сме сопственици иако се донесени сите одлуки, или со други блокади од централната власт. Значи, на разни начини сме опструирани од сите министерства. Намерата е да се добие негативен впечаток или искривена слика пред граѓаните од онаа што е во реалноста. ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да се занимава со недемократски подвизи и конечно да разграничат што се партиски, а што државни интереси.
Во поглед на туризмот, што е она што успеавте да го направите или поправите и според Вас што е она што се' уште му недостига на Охрид на ова поле?
Јас кога дојдов на оваа позиција општината собираше туристичка такса нецели 2 милиони денари, сега собираме туристичка такса 15 пати повеќе. Тоа значи дека е направено многу. Тогаш немаше ниту еден категоризиран сместувачки објект, а сега достигнуваме бројка од над 2.000 регистрирани станоиздавачи. Настапуваме на сите туристички саеми во светот и буквално нема место во регионот и во Европа каде што Охрид не е промовиран. Направиме стратегија за развој на градот, каде туризмот е водечка гранка, но секако има уште многу да се прави. Тука пред се' би ги спомнал патната инфраструктура, затворениот базен и зимско-рекреативниот центар на Галичица.
Во делот на стопанството и бројот на невработени Охрид не стои баш добро, што според вас треба да се направи во иднина?
Јас многу пати јавно прашувам зошто полињата во скопско или во штипско се претвораат во индустриски зони и се трошат огромни пари за инфраструктура, кога во Охрид има готова индустриска зона, со голем број објекти кои со мала инвестиција ќе може да се рестартираат односно да проработат. Доколку тоа се направи невработеноста во градот значително ќе се намали.
Кои се реакциите на вашите најблиски и пријателите, по информацијата дека повторно ќе се кандидирате за градоначалник, ќе Ве поддржат ли?
Градоначлничката фукција во Охрид носи многу големи обврски во работниот и во протоколарниот дел. Во однос на третата кандидатура сите мои блиски и пријатели беа изненадени, затоа што беа убедени дека нема да се кандидирам повторно и кога слушнаа дека ќе се кандидирам, ме убедуваа да не го правам тоа. И воопшто никој од моите најблиски не е задоволен од мојата одлука да се кандидирам повторно за градоначалник, зошто ова е работа која бара голема жртва, големо одрекување и многу малку време останува за семејството. |