26.07.2012, 20:47 Претседателот Иванов помилува 54 осуденици
Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 2 Август - Националниот празник на Република Македонија, даде помилување на 54 осудени лица. Тројца од осудените лица се ослободени целосно од издржување на остатокот на затворската казна, додека 51 се ослободуваат делумно од натамошно издржување на казната затвор, информираше вчера Кабинетот на претседателот.
Листата на помилувани осуденици се' уште не е достапна за јавноста. Од кабинетот на претседателот информираат дека одлуката која е донесена и листата на осудените лица кои добиле помилување деновиве се очекува да биде објавена во „Службен весник“.
Одлуката за помилување на осудениците, претседателот ја потпишал на предлог на Комисијата за помилување, чиј претседател е Гале Галев. Во комисијата членуваат десетина истакнати професори, пратеници, поранешни членови на Судски совет, обвинители ...
Членот на комисијата Абдурахман Алити вели дека се прифатени најголемиот дел од предлозите за помилување кои им биле доставени од страна на Министерството за правда.
„Сите ги исполнуваа условите за помилување, меѓу нив имаше и осуденици кои одговаат и за убиства и за потешки кривични дела. За некои од нив казната е намалена за четири или пет месеци во зависност од случајот“, вели Алити.
Комисијата за помилување работи на седници кои ги свикува претседателот на Комисијата по сопствена иницијатива и врз основа на заклучокот на Комисијата. Комисијата на седницата ја разгледува поединечно секоја молба за помилување и дава мислење по сите предлози што ги поднел министерот за правда и по предлозите за помилување што ги поднел по службена должност. Своето мислење комисијата го утврдува со мнозинство гласови од присутните членови. (П.Р.) |