04.09.2008, 14:12 ТВ - фотелја
Печатена телевизија
Роберт Д. Крстевски Среќна нова 1949! Како во старите добри времиња, во Македонија се враќа печатената форма на изразување преку телевизија. На времето устата пена им фаќаше на спикерите додека ги читаа километарските соопштенија за новите работни победи, за самопрегорот на работните луѓе и граѓаните во изградбата на светлата иднина, за самоуправувањето, за чувањето на братството и единството како зеницата во окото, за ширењето на социјализмот како светски процес, за движењето на неврзаните во контекст на активната мирољубива коегзистенција...
Без малку две децении по историското салто мортале на авангардата на работничката класа и почетокот на транзицијата кон новиот општествен поредок - иста песна. Фрчат долгометражни текстуални пораки до граѓанството, но овој пат од повеќе телевизиски канали наместо само од државниот, кој во она време беше единствен во ширењето на оптимизмот и на самодовербата меѓу трудбениците, интелектуалците и земјоделците. Има и уште една, навидум мала, но клучна разлика: сега не се во прв план наведените три основни сегменти на општественото ткиво според реалсоцијалистичката научна мисла, ами - Владата. Таа е главниот јунак во соопштенијата што имаат задача секојдневно да го крепат духот на македонските граѓани и да ги уверат дека раководството избрано од нив работи по 24 часа на ден, 365 дена во годината, само за нивното добро.
Иако во основа станува збор за малку видоизменета варијанта на некогашниот агитпроп, вреди да се поведе иницијатива пред Државниот завод за индустриска сопственост за патентирање на овој изум. За да не му падне на ум некому низ белиот свет неовластено да го копира овој уникатен дострел во развојот на средствата за информирање со симбиоза на пишаниот и на електронскиот медиум, која си земам слобода да ја наречам печатена телевизија. Зошто друг да профитира од очигледните предности на ваквиот тип еднонасочна комуникација меѓу врвот и базата, како што е, на пример, можноста да се срка супа во друга соба додека милозвучниот глас на спикерот ни кажува колку ни е добро и колку многу подобро ќе ни биде? Погодноста да не мора да се ѕвери во телевизорот, а, сепак, да се прими пораката пари вреди. Додека истекуваат одвај седумте минути, колку што е потребно да се прочита, да речеме, повикот до земјоделците да се пријават за субвенциите за одгледувањето луцерка, една ливада веќе ќе биде посадена.
Следна фаза во општењето со јавноста би можела да биде со - гласници. Тоа се оние чичковци што доаѓале во помалите населени места и со барабан ги повикувале луѓето на сретсело за да им прочитаат некаков проглас. Ваквата опција е сигурно поевтина отколку огласувањето преку телевизија.
|