Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Фељтон Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска
Култура
04.03.2009, 19:48

Современата класична музика не е масовна култура

И годинашниве „Денови на македонска музика“ остануваат на своите зацртани магистрални правци, вели Марко Коловски, претседател на СОКОМ



Тина Иванова



Единствениот фестивал каде што можат да се слушнат најновите, но и постарите остварувања на македонските композитори, „Денови на македонска музика“, годинава ќе го доживее своето 32. издание. Фестивалот ќе стартува на 19 март со концерт на Македонската филхармонија, кога ќе бидат праизведени двете нови симфониски дела - „Пред портата на пеколот“ на Стојан Стојков и „Зодијак“ на Сони Петровски.

И годинашниве „Денови на македонска музика“ во основа остануваат на своите ’магистрални правци’ зацртани уште пред триесет и една година. Марко Коловски, претседателот на Сојузот на композиторите на Македонија, институција која е долгогодишен организатор на фестивалот кој три децении наназад го афирмира македонското музичко современо творештво, зборувајќи за компарацијата на годинашново издание со минатите, истакнува дека и тогаш, пред три децении, и денес, ’Деновите...’ биле, се, и ќе треба да бидат единствена, уникатна можност на едно место да се слушне годишната продукција на нашите автори.

„Освен тоа“, вели Коловски, „преку изведбите на делата да се види исполнителската кондиција на нашите музички уметници и ансамбли. ДММ се место на кое се промовираат младите уметници и младите композитори, правејќи ги првите сериозни чекори во професијата што ја одбрале за своја животна определба. ДММ постојано се место на кое ќе се потсетуваме и на нашите колеги, автори, што веќе не се меѓу живите, а со своето творештво ја задолжиле македонската музичка култура. Освен ова, низ соочувањето со избрани дела и исполнители и ансамбли од современата светска музичка сцена, ДММ се единствена можност да се согледа нашето место токму во тој актуелен светски контекст. Врз основа на тоа и врз основа на квалитетот на презентираната продукција, ДММ се место од кое по правило треба да се раѓаат генеративни идеи за тоа како да се трасира патот на македонската композиторска мисла во иднина. Сево ова што на прв поглед изгледа како збир од убави декларации, како некаков манифест, всушност, во помала или поголема мера е застапено во годинашнава програма“.



Накусо, на 32. издание на ДММ ќе прозвучат дваесетина нови композиции од македонски автори, што е, според Коловски, во рамките на просекот од последниве години, недоволно, но и добро, ако се имаат предвид вкупните околности. Учество ќе земат и нашите големи национални куќи - МОБ и Филхармонијата. Ќе се одржат два концерти на камерни ансамбли, еден хорски концерт посветен на 100 годишнината на композиторите Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски, а посебен акцент ќе се стави на творештвото на рано починатиот истакнат композитор и педагог Гоце Коларовски, по повод 50 години од неговото раѓање. Ќе гостува и извонредниот светски камерен оркестар „Арката Штутгарт“ под диригентство на Патрик Штруб, потоа двајца истакнати светски уметници - диригентот Ричард Бернас од Велика Британија и виолончелистот Мориц Муленбах од Швајцарија. Покрај исполнителската дејност, годинава содржините на ДММ ќе ги збогатат и четири промоции на изданија (книги, списанија, носачи на звук) на СОКОМ, како и една мајсторска композиторска работилница. „Релативно богата и разновидна програма со неколку стотини учесници и со концепт кој повеќе се труди да ги задржи добрите придобивки од традицијата, отколку што завлегува во неко�� порадикални трансформации на истата“, истакнува Коловски.



Прашањето што изминативе неколку години често се поставува до организаторите на ДММ, е што СОКОМ прави во насока на популаризација на овој фестивал, со оглед на недоволната посетеност на концертите кои се одржуваат во негови рамки, е актуелно и годинава во музичките кругови. Коловски вели дека прашањето за посетеноста на концертите мора да се земе со извесна резерва и да има извесно појаснување. „Современата класична музика насекаде во светот не е масовна култура што привлекува големо внимание на јавноста. Главно дури и на познатите фестивали на современа и авангардна музика на концертите нема масовна публика. Зошто е тоа така, дали мора да биде така, и што треба да се направи за да не биде така, ако веќе треба, е сосема друго прашање“, смета Коловски. „Ние веројатно во серијата трибини што ќе ги одржиме во СОКОМ ќе го допреме и ова прашање, бидејќи тоа директно го тангира творештвото. Но, ако се погледнат концертите на минатите, еве да речеме неколку изданија на ДММ, особено оние што се одржуваат во камерните простори како што е Музејот на град Скопје, ќе се констатира дека салата е секогаш полна. Таа не е полна на поголемите концерти како што се оние на Македонската филхармонија и на МОБ, иако и тука, како што видовте минатата година со посебно подготвеното отворање и со концертот на филмска музика, салите речиси беа полни. Значи, без оглед на овие примери, би било сосема нереално, неточно, ако се каже дека македонската современа класична музика има масовна публика. Но, прашање е и дали тоа треба да е целта. Во секој случај, треба да се постави точна дијагноза, да се види дали, а јас лично мислам - да!, - треба да се поведе и расправа и да се преземат чекори за да се подобри состојбата во оваа смисла. Тоа е тема за која сериозно треба да се размислува и разговара“, вели Коловски.

Фестивалот има постојана соработка со двете национални институции, Филхармонијата и МОБ, особено и најчесто кога станува збор за изведба на големи, грандиозни дела. Соработка која, вели Коловски, кога станува збор за ДММ, е сосема добра.



Но, она што особено ги тангира македонските композитори во последно време, а за што се дебатираше и во јавноста, е третманот на музичките институции кон домашното творештво. „Кога станува збор поопшто, за нивниот однос кон македонското творештво, не можеме да ги изедначиме нивните пристапи“, вели Коловски. „По јавната дебата од лани, Филхармонијата свати дека не може една национална институција од нејзин ранг да си дозволи да го игнорира сопственото творештво и тоа веќе е вградено во значителен број концерти. Во МОБ состојбата е покомплексна и посложена. Определени постапки, на пример во однос на начинот на кој се одбележува 60 годишнината на балетот, немањето македонско дело во рамките на таа прослава и јавните прокламации на одговорните во таа смисла, не даваат можност да се извлече заклучок дека тие соодветно го сфатиле и своето место во македонската музичка култура и должностите што произлегуваат од таа позиција. Но, верувам дека низ идните дискусии на таа тема и тоа ќе стане јасно“, истакнува Коловски.


Статијата е прочитана 1093 пати.

Испрати коментар



Три наслови влегоа во најтесен круг за „Роман на годината“
Список на романи кои влегоа во најтесен круг за „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Ели Аиновска изложува во Кавадарци
Концерт на Македонската филхармонија со Љубиша Кировски на виолина
04.03.2009, 18:36

Претходен број

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

   


Site Meter


Време
Скопје, 18°C

Делумно облачно

Вторник
Локални грмотевици со дожд
Макс: 26°C, Мин: 10°C

Среда
Сончево
Макс: 25°C, Мин: 8°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (27)
Плачот на Х Конгрес на СКЈ. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Триумф на човековиот дух
Зоран Иванов, познат новинар, а порано падобрански ас, вели дека технологијата го овозможила скокот на Баумгартнер, но н...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Фељтон | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска |