20.03.2012, 17:25 Почина родилка, бебето се спаси
Сабина Веселова (24) почина при породување со царски рез во битолската болница. Таа остави четири сирачиња
БИТОЛА - Дваесет и четиригодишна родилка почина во битолската болница откако со царски рез родила здраво машко бебе. Според лекарите, се случиле компликации за време на породувањето, по што родилката воопшто не се разбудила по оперативниот зафат. Семејството на 24-годишната Сабина Веселова бара истрага за смртта на младата мајка, која остави четири сирачиња. Четвртото породување беше кобно за неа.
Според надлежните од битолската болница, родилката не се разбудила од царскиот рез што во понеделникот попладне и' бил направен на гинеколошкото одделение. Веселова била примена со болки во болницата уште во неделата. Од болницата велат дека не се работи за лекарски пропуст, затоа родилката е пратена во Скопје на обдукција за да се расчистат сите сомнежи за нејзината смрт.
„Ова е трагичен случај, но ова е вистината. Во понеделникот околу пладне се укажа потреба да се изврши раѓање по оперативен пат со царски рез. Во тек на операцијата се случија непредвидени компликации така што родилката почина. ��ожам да кажам дека во нашиот хируршки дел немавме компликации. Кај пациентката се појавија компликации на срцето и белите дробови. И покрај обидот на анестезиолозите да воспостават регуларен ритам на срцето, не успеаја во тоа. Пациентката почина“, вели Ивачо Василевски, началник на гинеколошкото одделение во Битола.
Семејството, пак, бара истрага за целиот случај.
„Ја однесов здрава и сега ми велат дека починала. Ова сигурно е грешка. Кога ми кажаа дека почина, тоа за мене беше несфатливо, зошто тоа е наше четврто дете. Ниту имала бронхитис ниту астма, ќе одам до крај за да ја расчистам работата“, вели Сенин Пеливановиќ, сопруг на починатата родилка.
Реагираше и Мамер Пеливановиќ, девер на починатата. „Снаата почина, а лекарите ни велат дека тоа и' било од пушењето цигари. Вчера отидовме со нејзините родители кај инспекторите и кај лекарите да ни кажат што се случило ни велат дека од цигарите можеби добила бронихитис и и' се затнале дишните патишта“, раскажува тој.
Расчистување на случајот побараа ромските невладини организации во Битола. „Ромите во Македонија се запоставени и јас мислам дека и оваа родилка е запоставена“, вели Самедин Кенановски од здружението „Баирска светлина“. Според статистиките на битолската болница, последниот случај на смрт на родилка бил во 1986 година. (А.Б.) |