21.03.2012, 10:42 Евробарометар: Македонците се информирани за ЕУ
Според истражувањето, 43 проценти од испитаниците во Македонија веруваат дека се добро информирани за прашања поврзани со ЕУ наспороти 38 отсто во ноември 2010
Се поголем број граѓани во Република Македонија веруваат дека се добро информирани за прашања поврзани со ЕУ, телевизијата ја користат како најчест извор, а социјалните мрежи за мнозинството се модерен начин да се биде во тек со политичките настани и добар начин да се изрази став за политички прашања.
Ова се дел од резултатите на Националниот извештај за Република Македонија во рамките на 76. Евробарометар, кој се фокусира на ставовите и навиките на граѓаните во однос на информирањето за прашања поврзани со ЕУ. Спроведен е во 27-те држави-членки на ЕУ и во петте земји-кандидатки, во периодот од 5 до 20 ноември 2011 година. Анкетарите го извршиле истражувањето со интервјуирање на вкупно 31.659 испитаници врз репрезентативен примерок на населението на возраст од 15 години па нагоре.
Според истражувањето, 43 проценти од испитаниците во Македонија веруваат дека се добро информирани за прашања поврзани со ЕУ наспороти 38 отсто во ноември 2010. Во Унијата, пак, 33 отсто од анкетираните сметаат дека се добро запознаени со овие теми.
Огромно мнозинство од граѓаните во цела Европа најчесто ја користат телевизијата како извор на информации поврзани со ЕУ. Четирипати повеќе испитаници во Македонија отколку во Унијата го делат мислењето дека телевизијата нуди премногу информации поврзани со ЕУ (44% наспроти 11%), додека 39 отсто во земјата и 54 отсто во ЕУ веруваат дека таквите информации се присутни во доволна мера. Еднаков број испитаници во земјата (по 42%) сметаат дека телевизијата ја претставува ЕУ „премногу позитивно“ и „објективно“. Во Унијата, првото гледиште го делат 16 проценти, а второто 55 отсто од граѓаните.
Во периодот ноември 2010 – ноември 2011, бројот на Интернет корисници во земјата се зголемил од 42 на 50 отсто (во Унијата, од 63% на 64%). Интернетот како извор на информации поврзани со ЕУ го користат 29 проценти од испитаниците во земјата и 26 во ЕУ. Од нив, најголем број им даваат приоритет на информативните вебстраници во однос на институционалните.
Социјалните мрежи за 58 отсто од граѓаните во земјата и 47 отсто во ЕУ се модерен начин да се биде во тек со политичките настани и добар начин да се изрази став за политички прашања.
Истражувањето на јавното мислење Стандард Евробарометар се спроведува двапати годишно. |