20.09.2012, 14:47 Нови тајни разговори меѓу Македонија и Грција?
Според весникот „Понтики“ минатата недела биле остварени првите контакти во Атина, при што американски дипломати оствариле посета на грчкото Министерство за надворешни работи
Грчкиот весник „Понтики“ тврди дека повторно има тајни разговори меѓу Македонија и Грција за спорот околу името под водство на САД. Според весникот минатата недела биле остварени првите контакти во Атина, при што американски дипломати оствариле посета на грчкото Министерство за надворешни работи. Како лидер на овој тим од американски дипломати се наведува Мишел Сајдерс, дипломат во амбасадата на САД во Скопје, кое претходно служела и во амбасадата на САД во Грција.
Весникот се повикува на дипломатски извори кои тврделе дека главната цел на САД е да се забрза приемот на Македонија во НАТО, и тоа до крајот на годинава. Според тврдењата на „Понтики“, САД барале грчкиот премиер Андонис Самарас да испрати писмо до НАТО во која ќе забележи дека Македонија ги исполнува предусловите да почне нејзин прием во Алијансата. Во писмото наводно ќе биде потценет проблемот за името како една постоечка работа која треба да се реши. Името, кое наводно се предлага од страна на САД во овие тајни преговори со цел да се најде компромис е „Горна Македонија“.
Од амбасадата на САД во Скопје не го демантираат престојот на дипломатката Сајдерс во Атина, меѓутоа велат дека тоа било рутинска посета меѓу амбасадите во регионот. “Нашите дипломати редовно ги посетуваат другите амбасади во регионот за консултации“, велат од амбасадата на САД во Скопје.
Во текстот исто така се наведува дека грчката влада е спремна за помирување и „ да помогне да се реши американскиот проблем односно ставање на БЈРМ под американска-НАТО капа“.
„Владата бара начин да се помести од претходните позиции кои го доведоа овој спор и државата до денешниот безизлез“, пишува весникот. Предлогот Горна Македонија, според извори од грчкото МНР на кои се повикува весникот, за Атина би бил прифатлив доколку се прифатат црвени линии, односно името да биде за севкупна употреба, да се престане со иредентистичките изјави од македонската влада и да се реши претходно со џентлментски договор прашањето за оштета за имотите на Македонците од Егејскиот дел. (М.П.)
|