10.10.2012, 12:26 Преку изложбата на ракописите Македонија и припаѓа на Европа
Вчера во Кралскиот музеј во Мариемонт во Брисел беше отворена изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-ти до 19-ти век“, која предизвика жестоки реакции во соседна Бугарија
Изложбата под наслов „Словенски ракописи од Македонија од 13-ти до 19-ти век“, која предизвика жестоки реакции кај соседна Бугарија, беше отворена вчера во Кралскиот музеј во Мариемонт во Брисел, Белгија. Вкупно 39 изложени ракописи кои датираат од 10 до 19 век, оригинали и копии, го привлекоа вниманието на голем број гости, меѓу нив и преставници на дипломатскиот кор, да ги видат најстарите ракописи настанати во Македонија.
Изложбата, која ја организираат Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ и Валонија Брисел Интернационал, а чиј избор го направи д-р Михајло Георгиевски, научен советник во Институтот за старословенска култура, ги претставува најстарите ракописи кои се чуваат и надвор од нашата земја во различни светски библиотеки и музеи. Меѓу нив се и Асеманово евангелие и Зографско евангелие од 10 век, Синајски псалтир, Синајски евхологиј, Охридски глаголски ливчиња од 11 век и други ракописи од 12 век, кои се изложени како фотокопии, бидејќи оригиналите се чуваат во Москва и во Ватиканската библиотека во Рим, но и оригинални ракописи што датираат од 13 до 19 век, меѓу нив и Посен триод и Кратовско евангелие...
Кралскиот музеј на Мариемонт, инаку, поседува една од највредните библиотеки на ретки и стари книги во Европа. Изложените ракописи од Македонија се пишувани и илуминирани на пергаментни и хартиени листови од рацете на опитни калиграфи по македонски книжевни и скрипторски центри, а се подврзувани и вкоричувани во корици обвиткани во орнаментирана кожа.
Изложбата ја отвори министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која во својот поздравен говор рече: „Вечерва пред вас ја потврдуваме историската и суштинската стварност на нашите исклучително вредни ракописи што го посочуваат илјадагодишниот континуитет на писмениот и јазичен развој во Македонија, како дел од цивилизациските текови низ времињата на Балканот и во Европа. Овие ракописи се наш национален културен влог во актуелниот процес на глобализацијата за културно прелевање на народите на ’стариот континент‘ и пошироко. Република Македонија има длабоки корени во светското културно наследство. Таа е земја-музеј, земја на археолошки локалитети, цркви и манастири, фрескоживописи, икони, иконостаси, стара архитектура, тврдини, чаршии и многу други движни и недвижни добра од различен вид и период на настанување.“
Канческа-Милевска истакна дека Македонија најрепрезентативно го изложува своето културно наследство по престижните музеи и галерии во Европа и светот, споменувајќи ја и минатогодишната изложба во Утрехт, Холандија, каде е презентирана уникатната збирка на ранохристијански теракотни релјефи, икони од 11-ти век што ја претставуваат византиската култура и целокупното културно богатство на Македонија од четири илјади години пред Христа, па се до крајот на 19-тиот век.
„Иако многу ракописи од нашите простори се наоѓаат надвор од Македонија, тоа не значи дека нашата земја се наоѓа надвор од реалноста. Музеите чуваат, а генерациите паметат. Од срцето на Европската унија, од крвотокот на европската цивилизација, преку изложбата на словенските ракописи од Македонија велиме дека Република Македонија и припаѓа на Европа. Присуството на нашата држава во Европа е писмо од сегашноста испратено до иднината, а не до минатото, порача на крајот македонската министерка за култура“, рече министерката.
Инаку, како што соопштува МИА, на изложбата присуствувал и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој се обиде да ја опструира изложбата, и кој останал на своите ставови дека се работи за крадење на бугарската историја и дека се работи за бугарски, а не за македонски ракописи. „Се радувам што во Брисел се претставува културно наследство што сега се наоѓа на територијата на денешна Македонија. Но, од друга страна не сум среќен што тоа се претставува необјективно, оти тоа е наше општо културно наследство. Тука гледаме бугарски средновековни книги. Дојдов на изложбата да покажам европски начин на однесување и тоа треба да го правиме и со историските настани и личности што не обединуваат, оти историјата ни е една“, изјавува Ковачев.
Во врска со провокацијата на Ковачев и неговите обиди да го спречи одржувањето на изложбата и неговото тврдење дека се фалсификува македонската историја, министерката Канческа-Милевска рече: „Ние како држава не би сакале нешто да презентираме, а истото да не е научно докажано и верифицирано. Сите овие ракописи се прикажани во голем број на книги промовирани во Македонија и во странство. Треба да ги негуваме добрососедските односи. А, со Бугарија имаме многу добра и интензивна културна соработка.“
Приредувачот на изложбата, д-р Михајло Георгиевски, посочи дека ракописите претставуваат канонски црковни книги во кои е одразен и македонскиот јази��. „Словенски е поопшт термин. Тука влегуваат и ракописи кои имаат македонска, српска и бугарска редакција. Но, се со белези од македонските говори. Тие се голема драгоценост, голем извор за јазикот и културата има многу записи кои говорат за историјата во Македонија и се сопственост на Република Македонија и најдени се на наша територија и затоа и ги нарекуваме македонски ракописи“, вели Георгиевски.
Изложбата ќе трае до 21 октомври и се очекува голема посетеност. (Т.И.)
|