10.10.2012, 18:15 Сузана Спасовска - Втор пат се заљубив во истиот човек
Можев да живеам во стаклена палата покрај океан и да бидам многу богата, екстремно, само што во тој случај немаше да можам да пеам
Катерина Шекеровска
Сузе, одамна Ве нема во медиумите. Скарани сте им или нема интерес за македонската новосоздадена музика?
- Таман работа. Тоа што ме нема во некои емисии или весници е чисто моја желба и избор. Јас секогаш имам што да кажам бидејќи нонстоп работам, прво, зашто многу си ја сакам работата и второ, кога ќе влезете во една машина веќе нема сопирање, а трето, јас сум воркохолик и така сум се определила да живеам. Ме канеле на многу места и емисии, но сум одбивала. Искрено, мислам дека треба да им се даде и место на на помладите колеги. Со години се борам да докажам дека народот многу ја сака македонската песна и посакува да ги гледа изведувачите, но медиумите се тие што водат некоја своја политика. Може ние сакаме да кажеме дека сме модерни затоа што слушаме американска музика, а од друга страна, пак, светот паѓа на македонската музика!
Пред неколку месеци беше пласирана информација дека сте пееле на грчки јазик во чест на Ваш пријател, пејач од Грција, Бонфарис. Многумина беа изненадени од вашиот гест, а вие бурно реагиравте по излегувањето на веста. Што најмногу Ве повреди?
- Невистината! По скоро 30 години минати на сцената знам дека новинарите сакаат сензации и дека има весници кои повеќе кажуваат невистини од вистини. А вистината беше дека по 15 години се сретнав со мој колега со кого соработувавме порано, ни беше драго што се сретнавме и отидовме на вечера. Тој стана и ми запеа „Каде сте Македончиња“... Значи тој мене ми пееше, а не јас него. И не е Грк, туку Македонец од Егејска Македонија. Заедно ја пеевме и „Послушајте патриоти“, значи најпатриотските песни... Не дека не можам да слушнам грчка песна ако морам, но едноставно не ја пеам, иако кај нас има луѓе кои добро ја пеат и ги почитувам.
Деновиве на профилот на „Фејсбук“ го сменивте статусот во слободна, а тоа возбуди многу ваши пријатели. Нешто подоцна на сите им порачавте да не се грижат, дека ништо и никого не сте изгубиле и дека скоро цел живот уживате во слободата, со љубовта на вашата верна публика, ќерката и пријателите...
- Луѓето почнаа да ме сожалуваат, дека којзнае што ми се случило, дека со некого сум се разделила и слично. Меѓутоа, јас не гледам разлика меѓу вдовица и слободна, затоа што и кога мојот статус беше вдовица, јас бев слободна. Јас сум слободен човек. Во мојот живот досега ниеднаш ниту сум ставила бурма, ниту сум се потпишала, значи не сум се мажела, ниту сум облекла бел фустан!
Што треба да се случи за да се премислите, да влезете во брак? Кое е Вашето мислење за таа институција?
- Не мислам дека некогаш би можела да ставам бурма. Да бидеме начисто, љубовта секогаш постои кај мене, покрај љубовта кон семејството, детето, музиката..., секогаш постоел некој на кого можам да го потпрам рамото. Јас сум сама, но никогаш не сум сама, ха, ха, ха! Втор пат се заљубив во истиот човек.
Од каде пак излеговте вдовица кога никогаш не сте биле мажена?
- На насловна страница на еден весник излезе наслов дека „сите бивши на Сузана се мртви“, па затоа пишав дека се чувствувам како вдовица. Тој статус стоеше долго и почнаа да ми се јавуваат луѓе, вдовци... И да ми нудат брак, да си помогнеме еден на друг, тој изгубил партнер, јас сум изгубила... И на крајот, еден ден, една недела кога беше празникот Вера, љубов и надеж, си реков: чекај, доста ми е од вдовци, ајде да го сменам статусот во слободна, барем да не ми се јавуваат само вдовци, туку и некој друг...
Сте имале повеќе понуди за брак.
- Понуди имам константно. Па, кој не би сакал да биде партнер или сопруг на Сузана Спасовска? Ретки се тие. Јас можев да живеам во стаклена палата покрај океанот и да бидам многу богата, екстремно, само што во тој случај немаше да можам да пеам, зашто тој статус не дозволуваше да бидам пејачка и да сум овде. А јас од Македонија не можам да се откачам, како со синџир сум врзана тука, за земјата, за Скопје, за моите родители, особено што тогаш беше жив и мојот татко...
Имате ќерка, Теона, која јавно не сака да се фотографира, а приватно обожава. Ќе Ве наследи ли во пеењето?
- Теона уште малку ќе наполни 17 години. Музиката ја слуша, но засега не сака естрада, не ја гледа како некоја идна определба. Пее прекрасно, немам зборови. Многу потсетува на мене и е многу посакувана за хорови и групи. § реков дека можам од неа за еден миг да направам ѕвезда, но таа не сака. Ми вели: „остави ме да си го живеам својот живот“. Многу сака да се слика, но никогаш не излегла во весник.
Ќе Ве вратам повторно на музиката. Бевте многу револтирани по одржувањето на прославата на 8 Септември на арената „Филип Втори“. Своето незадоволство го искажавте и на социјалните мрежи каде што напишавте: „На моменти ми доаѓаше да се изнасмеам, а на моменти да заплачам од мака што Македонија си го дозволува овој резил...“
- Прво, 8 Септември за мене е празник кој е голем и треба сите да го почитуваме и славиме. Второ, мислам дека треба да биде застапена музиката од нашата држава, покрај популарната да се најде многу место и за автентичната македонска музика, но со македонски изведувачи кои знаат како да ја исполнат. Македонската песна изгледа многу лесна, но тоа не е така и тешко е за некој од страна да ја долови како што треба. Секоја чест за ѕвездите од страна, тие се потрудија, но толку е нивната можност. Македонската песна треба да се роди во тебе за да можеш да ја предадеш како што треба. Од една страна, идејата можеби беше интересна, но пејачите од соседството можеа да бидат поканети да ни направат чест со нивни песни, а основата да се темели на автентичната македонска песна и пејачите кои цел живот ја пеат таа песна. Не ми се допаднаа ниту аранжманите, сметам дека тоа требаше да се направи малку поинаку.
Директорка на продукцијата „С Национале“, директорка на „Лешочки фолк-фест“, програмски директор на етно-фест „Три круши“, естраден уметник. Како постигнувате со толку многу обврски, имате ли некој посебен начин на исхрана, живот?
- Да, имам посебен начин на исхрана - некогаш немам време ни да јадам! Јас сум хиперактивна и сите овие обврски не ми се воопшто оптоварување. Во моментот можам да правам и 7-8 работи одеднаш и намам никаков проблем со тоа.
Што ново подготвувате на музички план?
- Веќе почнавме да работиме на проектот „Виолина и глас“ со маестро Зоран Џорлев и мојот долгогодишен пријател Сашо Ливрински, кој треба да се заврши до Нова година или почетокот на 2013 година. Тоа е еден специфичен проект, навидум изгледа едноставен, но е специфичен, се работи за стари македонски песни во моја изведба и придружба на Џорлев. За Нова година заминувам на турнеја во Австралија, а дотогаш треба да го завршиме и авторското цеде на Гоце Џуклески на кое јас ги пеам сите песни. Конечно се спрема и моето долгоочекувано цеде со обработки на стари македонски песни и новокомпонирани песни, ќе излезе и ДВД, а секако ќе снимаме и видеозаписи со мојата продукција. Сакам да посветам поголемо внимание на мојата кариера зашто две години работам интензивно со продукцијата на афирмација на македонската песна и пејачи, а јас сум најмалку застапена. Конечно е време да се вратам на себе и продукцијата малку да поработи и на моите проекти зашто публиката веќе ми забележува и бара нов материјал.
Аманетот на Васка Илиева
Го носите епитетот наследничка на Васка Илиева, но ја гледате ли некаде својата наследничка?
- Очекувам да сретнам некое девојче кое ќе пее убаво и ќе мисли и понатаму да оди по патот на македонската песна, иако мислам дека е се' уште рано. А да објаснам зошто ме викаат наследничка на Васка Илиева... Мојот глас воопшто не потсеќа на нејзиниот, но Васка мене аманетот ми го остави токму поради тоа да остане некој кој ќе продолжи по патот на македонската песна и музика. Да работи интензивно и да ја афирмира македонската песна и надвор и тука. Од тој момент, кога го фатив тој пат, воопшто не скршнав ниту имам намера да скршнам. Во контекст на тоа, ова лето добив две големи признанија: од историскиот музеј во Крушево добив признание за заштита и афирмација на македонската традиционална песна и фолклор, и од Матица на иселениците, што ми е многу драго бидејќи тој орден за заслуги за Македонија го имаат добиено само неколку луѓе кои се светски признаени во областа на науката, медицината и слично. Јас сум единствен естраден уметник кој го добил орденот за заслуги. |