11.06.2012, 17:20 Проекти за заслуги
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ забораваат дека не е битно кој почнал, а кој завршил со изградба, туку она што е направено
Билјана Ангеловска
Кој го потценува сопствениот народ? Кој ја злоупотребува довербата на граѓаните и се фали со „туѓи перја“? Кој, што и колку изградил, кој се грижи повеќе за состојбата во државата, чии идеи се подобри, кој размислува правилно и инвестира паметно, а кој троши само за личен интерес и сопствена промоција?
Сите овие прашања и одговори испукани од двете најголеми партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ деновиве ги бомбардираат граѓаните, кои се ставени во средина на меѓусебната беспоштедна партиска пресметка. Иако локалните избори се се' уште далеку, граѓаните се преокупирани со мерењето на „заслугите“ на партиите, кои притоа забораваат на најважното, дека не е битно кој почнал, а кој завршил, туку она што е направено, изградено, што ќе остане.
Градежните објекти се факти, а не фикција. Тоа што е изградено е најсилен доказ сам за себе и нема потреба од присвојување туѓи заслуги. Исто како што дупките и крпениците на автопатиштата се доказ за (не)грижата и (не)моќта на државата да ја модернизира постојната инфраструктура во Македонија. Независно која политичка гарнитура е на власт. Во последните десет години се изградени 35 километри нов автопат од кои 26,5 километри се обиколница на Скопје, а 7,6 километри се од Табановце до Куманово. Вкупната вредност на овие две инвестиции е нешто над 165 милиони евра (обиколницата тежи околу 150 милиони, а автопатот до границата со Србија 15,5 милиони евра). Најголем дел од парите се обезбедени со кредити од Светска банка, од ЕБОР и од ЕИБ, а само мал дел, и тоа за скопската обиколница, е од домашниот буџет. Обиколницата почна да се гради во 2002 година, во времето на СДСМ и по цели седум години изградба, во 2009 година ја предаде во употреба премиерот Никола Груевски. Автопатот Табановце - Куманово, пак, е целосна заслуга на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почна и заврши да се гради во нејзин мандат, од 2008 до 2011 година. Сегашната владејачка гарнитура има „ексклузивитет“ и на турската инвестиција со аеродромите во Македонија. Договорот за изградбата на автопатот Скопје - Тетово во 1998 година го потпиша Томе Тромбев, кој тогаш беше министер за урбанизам и градежништво од редовите на СДСМ. Оваа делница ја предаде во употреба владата на Љупчо Георгиевски. Но, автопатот од Тетово до Гостивар е комплетна инвестиција на СДСМ, завршен е со изградба во 1997 година. Сегашната опозиција може да се пофали дека ги има изградено сите гранични премини во државава, но, сепак, преминот Богородица го предаде во употреба Љупчо Георгиевски. Во време на СДСМ е изградена и браната „Калиманци“, а почна и изведбата на ХЕЦ „Козјак“, еден од најголемите стратешки проекти изведени во последните години во Македонија, како и на ХЕЦ „Св. Петка“.
За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ комплетно ја изгради арената „Филип Втори“ во Скопје, а ја комплетираше и изградбата на спортската сала „Борис Трајковски“. Од поголемите сообраќајни инфраструктурни зафати може да се пофали и дека реконструираше неколку стотини километри регионални и локални патишта, а како главен адут им е проектот „Скопје 2014“. Се' уште е во тек изборот за изведувач на последната делница од Коридорот 10, од Демир Капија до Смоквица, а се бараат и концесионери за патиштата дел од Коридорот 8, кои треба да прераснат во автопатски решенија.
Во меѓувреме, додека се' ова биде завршено, останува фактичката состојба. Магистралните патишта во Македонија се со просечна старост од 30 години, додека просечната старост на автопатиштата изнесува 15 години. |