11.06.2012, 17:08 (ИНТЕРВЈУ) Карл Билт - Хаг даде јасна пресуда
Одлуката на Хашкиот суд е важна, но таа не го решава прашањето за името
Слободанка Јовановска
Господине Билт, ја гледате ли Македонија годинава како започнува преговори за членство во ЕУ и каков е шведскиот став за хашката пресуда?
- Хашкиот суд даде јасна изјава. Мислам дека таа треба да има импликации за сите земји. Таа се однесува првенствено на прашањето за прием во НАТО и треба да им се упати на земјите-членки. Но, јасно, тоа е едно од прашањата што треба да бидат решени. Дали тоа ќе се случи оваа или друга година? Јас се надевам дека ќе се случи, но тоа не е во мои раце.
Премиерот Бојко Борисов изјави дека е против името Северна Македонија. Дали Стокхолм беше информиран за бугарската позиција за преговорите околу спорот за името?
- Не, ниту треба да биде, бидејќи тоа е прашање што треба да биде решено меѓу Скопје и Атина. Од стокхолмска перспектива сакаме тоа да биде разрешено, но нема да имаме какво било мислење како да се стори тоа. Постои, како што споменав, одлука на Хашкиот суд и таа е важна, но, сепак, таа не го решава прашањето за името. Тоа треба да биде решено во билатерален дијалог, а јас претпоставувам дека дека се земаат предвид гледањата што постојат во регионот. Не е на нас, северноевропските земји, да имаме посебно гледање на ова прашање.
А соседните земји дали треба да се вмешаат?
- Вие имате контакти на еден или на друг начин. Сигурен сум дека тоа се случува.
Дали се' уште гледате некаков ризик или опасност за стабилноста на Балканот?
- Не навистина. Не повеќе од она што можам да го видам каде било. Ако ме прашате за нордиските земји, би рекол веројатно - не. Но, никогаш не можете да исклучите нешто во ова време. Експлозијата не е опасност, сепак, според мене, но стагнацијата може да биде проблем.
Мислите ли дека војните во регионот, дефинитивно, завршија?
- Да. Историјата е долг процес, но за ова наше време да - не гледам причина да се случат вакви нешта. Можеме да се свртиме наназад и да видиме дека се започна со распадот на бивша Југославија. Тоа донесе многу прашања што останаа нерешени. Но, се' додека евроинтеграцијата оди напред и се' повеќе земји се интегрирани, ќе имаме стабилност во регионот. |