11.06.2012, 15:23 Новинарите бараат од судиите да не постапуваат селективно
„Многу тужби, малку слобода“, „Селективната правда е најголема неправда“, „Душевната болка ја лекува вистината“, „Самоцензурата е полоша од цензурата“, „Стразбур му е мајката за тужбите“... Со овие и слични пароли, новинарите вчера точно напладне го изразија својот револт пред најголемиот суд во државата- скопскиот Кривичен суд, во кој се решаваат и наоѓаат најголемиот број предмети поврзани со клевета и навреда.
Новинарскиот протест, организиран од Здружението на новинарите на Македонија, е израз на незадоволство поради лошата практика на судовите во однос на медиумите. Новинарите на вчерашниот протест побараа од судиите да постапуваат неселективно, да не се користат тужбите како средства за вршење притисок, да ги намалат непропорционалните надоместоци за нематеријална штета, како и намалување на долгите и неефикасни постапки.
Бараме судиите да ја следат практиката од Европскиот суд во Стразбур. Големиот број тужби за клевета против новинари, високите надоместоци за нематеријална штета и долгите постапки се резултат на лошата судска практика, беше речено на протестот пред Основниот Суд 1.
„Сакаме да ги поддржиме судиите кои одговорно си ја извршуваат функцијата и да ги повикаме другите да не изрекуваат високи отштети за клевета и навреда за да се умилкуваат кај политичарите. Бараме законот да важи за сите, затоа што селективна правда е најголема неправда. Не може новинарите да се спроведуваат со полиција во судница, а останатите да се третираат како заштитени мечки“, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Според Селмани, време е одговорноста да се индивидуализира и оти не може за лошата работа на мал број несовесни судии да се прокоцка довербата на целото судство. Тој потсети дека судиите се чувари на слободата на изразување и на сите човекови права и слободи и ги повика да ја следат практиката од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. (Г.Д.) |