22.06.2012, 16:03 Почна уредувањето на коритото на Отиња
Проектот предвидува чистење и уредување на речното корито и изградба на пет паркинг-платформи
Иван Бојаџиски
Штип – Во Штип почна големата операција за уредување на коритото на реката Отиња, која минува низ центарот на градот. Проектот предвидува чистење и уредување на речното корито и изградба на пет паркинг- платформи заради решавање на проблемите со сообраќајниот хаос, кој со години го мачи градот, посебно откако стана универзитетски центар. Викендов бугарската градежна фирма „Кибилд“, која на меѓународен јавен тендер ја доби работата вредна два милиона евра, почна со чистење на речното корито од наносот создаван со децении.
„Работите ги почнуваме навреме со гаранција дека нашата фирма ќе го уреди коритото на Отиња и ќе ги изгради платформите во рок од осумнаесет месеци. Сме работеле низ светот и на поголеми проекти од штипскиот, па сакам да ги охрабрам штипјани дека по 1,5 година ќе имаат вистински украс во центарот на градот“, ни рече Севдалина Колева, сопственичка на „Кибилд“.
Штипскиот градоначалник Зоран Алексов е задоволен од тоа што бугарската фирма навреме ги почнала работите. „Со децении штипјани бараа да се уреди овој култен простор и ние таа нивна желба ја исполнуваме. За овој креативен и повеќе од потребен потфат зедовме исклучително поволен кредит од Светската банка во висина од два милиона евра. Им приложивме аргументирано истражување според кое кредитот можеме да го враќаме од наплатата на паркирањето. За Штип е важно тоа дека со еден потег решаваме две битни потреби. Прво, ќе го ослободиме центарот на градот од големите сообраќајни проблеми, а второ што ќе добие на убавина“, вели Алексов.
Сепак, опозицијата го критикува овој проект. Димитар Ефремов, поранешен градоначалник од СДСМ, а сегашен советник од редовите на НСДП рече дека се работи за фрлени пари, кои штипјани ќе ги плаќаат од својот џеб.
„Со оглед на фактот дека со оваа инвестиција добиваме само 140 нови паркинг-места, доаѓаме до тажното сознание дека едно паркинг-место ќе не' чини 18.000 евра. Тие пари ќе мора да ги враќаат сите граѓани на Штип, тоа е барем сосема јасно“, порача Ефремов.
На овие критики дојде одговор од градоначалникот Алексов. „Ефремов постојано се обидува да ја крене тензијата откако претходно како директор на ЈП ’Исар‘ и градоначалник не направи ништо за градот. Ние ги слушаме желбите на граѓаните и работиме според нивните потреби. Наскоро ќе го предадеме во употреба реновираниот плоштад, а кон крајот на идната година ќе биде готов и проектот ’Отиња’. Ефремов и нему сличните се уплашени од нашата градежна офанзива, која не само во центарот, туку и во урбаните населби драстично го менува ликот на Штип“, вели Алексов.
Големата операција за нов лик на центарот на Штип е почната. Плоштадот во кој локалната власт вложи 300.000 евра е готов, а работите на Отиња се во тек. За штипјани е важно тоа што по три-четири децении во градот пак се гради нешто ново.
|