22.06.2012, 16:40 Забранети се скутери во Охридско Езеро
Од 20 јули стапува во сила ограничувањето на пловидбата на пловните објекти на Охридско, Преспанско и на Дојранско Езеро. Забраната се однесува на скутерите со јачина поголема од 45 коњски сили кои можат да пренесуваат максимум три лица, но не важи за оние што се наменети за службени потреби за вршење инспекциски, царински и полициски надзор. Забраната важи за период од 11 до 18 часот секој ден за целата водена површина на трите езера и ќе трае до 20 август.
Од Министерството за транспорт и врски соопштуваат дека ограничувањето на пловидбата на скутерите е за да се обезбеди поголема безбедност на капачите и заштита на животната средина на природните езера.
Според Министерството, заклучно со мај, во уписникот за чамци што се води при Капетанијата на пристаништа се впишани вкупно 1.113 пловни објекти. Од нив важечка дозвола за пловидба имаат 436 чамци, 50 скутери, 171 глисер и 215 останати пловила од категоријата чамец. Од категорија брод, потврдена е способноста за пловидба на три пловни објекти во Охридско Езеро, од кои два се со носивост од 150 патнички места, а еден е со капацитет од 80 патнички места.
„Капетанијата во Охрид континуирано ќе врши надзор над примената на одредбите од Законот за внатрешна пловидба. Согласно со Законот, предвидени се санкции за сите што ќе вршат пловидба без да поседуваат потребни дозволи“, укажува Министерството за транспорт и врски. |