22.06.2012, 16:40 Нова опрема за поефикасна истрага
МВР ги зајакнува капацитетите за водење истраги и вештачење на пронајдените докази
Даниела Трпчевска
Нови простории за крим-техничарите и современа најмодерна опрема за вршење истраги и вештачење на документите пронајдени на местото на злосторството, се дел од плановите на МВР за зајакнување на капацитетите за еден од најважните сектори во полицијата. Со финансиска помош на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), која донираше 80.000 евра вчера беше пуштен во употреба реновираниот објект на Криминалистичката полиција - Единица за истрага на место и вештачење.
Скопската крим-полиција дополнително ќе се зајакне и со француска машина за идентификација, а во план е набавка и на друга современа опрема, со цел што поуспешни истраги и разрешување на најмистериозните случаи кои ја вознемируваат јавноста.
Според министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, инвестирањето во проблематиката поврзана со кривичното гонење, односно квалитетот на обезбедените материјални докази, е повеќе од неопходно. Токму поради тоа е набавена современа форензичка опрема и технологија, во согласност со европските стандарди.
„Задоволство за нас е што како партнер во најчувствителната проблематика – форензиката, остваривме одлични контакти со експерти од Турција, кои спаѓаат меѓу најценетите стручни лица во оваа област во светски рамки“, изјави вчера Јанкулоска при посетата на Полициската станица Кисела Вода. Јанкулоска заедно со вицепремиерот на Владата на Турција Бекир Боздаг, го предадоа во употреба реновираниот објект на Криминалистичката полиција.
Министерката, како особено значајна ја потенцираше соработката на македонските со турските колеги во акциите за спречување на нелегалната трговија со дрога.
„Најголем дел од полициските акции кога станува збор за борбата против недозволена трговија со дрога се реализирани токму во соработка со турската полиција. Токму таа нивна отвореност и помошта што ни ја даваат во реализација на заедничките проекти, придонесува пред се' за зголемување на квалитетот на работа на МВР, но и за јакнење на партнерството кога станува збор за заеднички цели“, потенцира Јанкулоска.
Според турскиот вицепремиер, Македонија и Турција се пријателски земји и соработката во повеќе области постојано ќе се надоградува. „Многу е значајно соработката во идниот период да се зацврстува и да трае. Сакам да напоменам дека нашата соработка и поддршка во правец на реализирањето на потребите на македонската Влада ќе траат и понатаму“, рече тој.
Криминалните лаборатории, односно зачувувањето на доказите од лице место на настанот се најважниот елемент за докажувањето на кривичните дела. Според Боздаг, објектот ќе биде значаен придонес во борбата против криминалот и извршителите на кривичните дела.
|