21.03.2012, 10:53 „Дрeкслмајер“ почна да вработува кавадарчани
Германската „Дрeкслмајер груп“ на својата веб страница објави конкурс за вработување менаџери во фабриката за авто делови што планира да ја отвори во Кавадарци.
Огласените работни позиции се дел од 4.000-те вработувања што ги планира германската компанија во инвестицијата во Македонија, која, според првичните најави, ќе изнесува околу 30 милиони евра. Износот на инвестицијата и бројот на работни места неодамна го објави министерот за странски инвестиции Веле Самак, но тогаш не го каже името на компанијата.
- Фирмата ќе отвори производство за електрични инсталации и кабли оваа година и ќе има капацитет со околу 4.000 вработувања во наредните три години. Производите од фабриката во Македонија ќе бидат инсталирани во автомобилите на Мерцедес во Германија, поточно во моделот Ц-класа, изјави Самак.
Според првичните планови, во правата година од стартот на инвестицијата ќе бидат вработени 300 до 400 лица, а во наредните три години бројката на вработени треба да достигне 4.000.
„Дракслмајер груп“ е една од најголемите компании за производство на авто-делови. Во нејзиното портфолио се присутни изработки за BMW, Mercedes-Benz, Porche, Audi, Bugatti, Jaguar.... Основана e во 1958 година и има 53 фабрики низ светот.
|