12.03.2009, 17:26 Утре ќе се посадат 5 млн. дрвца
На 54 локации во 30 општини утре, во третата акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“, ќе бидат пошумени над 1.000 хектари голини. Планирано е да се посадат 5 милиони дрвца, од кои граѓаните, учениците и познати личности ќе засадат 2 милиона, а останатите 3 милиони во семе ќе ги садат стручњаците од „Македонски шуми“.
И годинава акцијата има граѓански карактер и е организирана од Иницијативниот одбор на чело со маестро Борис Трајанов. Едукативната страна ќе се потенцира во сите градинки, основни и средни училишта кои ќе бидат активно вклучени во пошумувањето. Естрадните ѕвезди и годинава ќе бидат дел од акцијата. Ламбе Алабаковски ќе сади во Кратово, Кристина Арнаудова во Куманово, Врчак во Охрид, Дани во Тетово, а Маја Вукиќевиќ во Скопје.
Садниците, како и претходните два пати, ги обезбедува Владата, а за сите граѓани е организиран превоз до локациите за садење. В сабота во секоја општина, почнувајќи од 8 часот, на секои два часа ќе тргнуваат автобуси, а акцијата ќе заврши во 16 часот. Ќе се садат багреми, борови, ели и други видови кои успеваат кај нас, а новина ќе бидат присутните студенти од Шумарскиот факултет кои на сите граѓани ќе им делат совети за поуспешно пошумување. (С.Н.)
|