05.08.2012, 16:49 Народна банка под надзор на Владата
Србија, наспроти протестите од меѓународната заедница, ја ограничи независноста на централната банка и ја стави под надзор на владата. Новата владејачка коалиција го напушта реформскиот курс, критикуваат набљудувачите. Српскиот парламент со 139 гласови „за“ и 39 „против“ ги усвои измените на законот за Народна банка на Србија.
Со измените се воведува парламентарен надзор и контрола над работата на централната банка, но се менува и целокупното раководство на банката. Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Европската комисија и САД остро реагираа на промените во законот на Народна банка на Србија, сметајќи дека се укинува независноста на банката, но и стравувајќи поради одредбата дека Банката може со користење на девизните резерви да купува обврзници кои ги издава државата.
Според Душан Петровиќ, претставник на опозициската Демократска партија, таа одредба, сепак, е исфрлена од законот. Досегашниот гувернер на НБС, Дејан Шошкиќ, поднесе оставка на функцијата, наведувајќи дека измените на законот ја загрозуваат независноста на работата на таа финансиска институција.
Европската комисија претходно порача дека со усвојувањето на амандманите на законот ќе биде направено големо уназадување во процесот на ускладување на српското законодавство со европските стандарди.
Србија, во моментов, се наоѓа во економска криза, а невработеноста изнесува 25 проценти. (Дојче Веле)
|