05.08.2012, 16:48 Владата ќе вработи 2.000 невработени и нови 400 кај познат работодавач
Лицата ќе добиваат надомест од 7.600 денари месечно, а ќе бидат осигурани во случај на несреќа при работа
Започна практичната реализација на дел од пакетот 12 економско-социјални мерки на Владата, најавени на почетокот на јуни. За нив Владата ќе издвои 13 милиони евра од државната каса, а со мерките треба да се вработат вкупно 6 до 8 илјади. Од оваа недела стартуваат две мерки од областа на вработувањата кои опфаќаат програма за јавни работи и вработување преку обука за познат работодавач. Во соработка со општините оваа недела започнува процесот на вработување на 2.000 лица кои ќе бидат ангажирани за вршење јавни работи во период од шест месеци. После тој период општините ќе вработат уште дополнителни 2.000 лица за вршење на јавни работи.
Како што истакна на прес-конференцијата во саботата, портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, за оваа цел Владата обезбеди еден милион евра, а исплатата ќе се врши преку општината што ангажира работници. Тој нагласи дека за дополнително ангажираните околу 2.000 лица, општините ќе издвојат дополнителни еден милион евра.
„Предност ќе им се даде на лицата со ниска квалификација и повозрасните од 55-годишна возраст. Лицата ќе добиваат финансиски надомест од 7.600 денари месечно, а ќе бидат осигурани во случај на несреќа при работа или професионално заболување. Лицата го задржуваат и правото на здравствено осигурување“, посочи Ѓорѓиев.
За време на обезбедувањето на финансиската поддршка, лицата нема да ги изгубат правата по основ на невработеност.
„Веќе се поднесени апликации до општините, а тие пак, доставија проекти до Владата која ги одобри и така започнува со процесот. Одобрени се сите 75 поднесени проекти, од уредување јавни површини, хигиена, уредување простори, хортикултура и друго“, истакна Ѓорѓиев.
Тој рече дека во текот на оваа недела општините ќе бидат известени за прифаќањето на нивниот проект и ќе се потпишат договорите меѓу Агенцијата за вработување, општината и невработеното лице.
„Со оваа мерка ќе се ангажираат околу 4.000 лица кои ќе добиваат финансиски надомест шест месеци, со почитување на сите нивни права. Тоа е конкретна мерка за подобрување на социјалната состојбата на невработените кои ќе стекнат вештини потребни за засновање траен работен однос. Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки за поттикнување на вработувањата“, додаде Ѓорѓиев.
Владата од оваа недела обезбеди и 400 вработувања кај познат работодавач, а на 1 септември ќе има оглас за работно ангажирање на уште 600 лица.
Како што соопшти Ѓорѓиев, станува збор за нова владина мерка за поттикнување на вработувањето со која ќе бидат опфатени вкупно 1.000 невработени лица, а за која во првата фаза се обезбедени 60 милиони денари. Ангажираните лица ќе работат во период од три месеци, а најмалку половина од нив ќе бидат задржани на работа уште најмалку една година.
„Со оваа мерка корист ќе имаат и работодавачите и работниците. Првите ќе стекнат со дополнителен кадар, а вторите ќе добијат нови знаења и вештини битни за конечно вработување“, рече Ѓорѓиев.
Овие лица од државата ќе добиваат парична помош во висина од 4.400 денари, а по истекот на трите месеци најмалку 50 отсто. Или 200 од овие 400 лица работодавачот има обврска да ги задржи во работен однос уште најмалку една година. А, на оние кои нема да бидат задржани на работа, ќе продолжат да им течат правата по основ на невработеност.
На првиот оглас се пријавиле 30 работодавачи и 600 невработени лица. Компаниите се од Скопје, Прилеп, Крива Паланка Охрид, Штип, Валандово, Кавадарци, Кочани, Куманово и д��уги општини, а дејностите во кои ќе работат работниците се угостителство, текстил, чевларство, машинска индустрија, компјутерска техника.
Во текот на оваа недела, Агенцијата за вработување до работодавачите ќе достави предлог-листа на невработени лица кои се пријавиле на огласот, а поседуваат знаења и вештини од соодветна дејност. Потоа, работодавачот од листата ќе изврши избор на кандидати и со Агенцијата и со лицето ќе потпишат договор за спроведување на вработување за обука. Процесот треба да заврши најдоцна за 15 дена и невработените лица да почнат да одат на работа. (Ек.Р.) |