05.08.2012, 16:46 Фирмите бараат месари, а младите сакаат дипломи
Хемичари, информатичари, брокери, готвачи, возачи... се меѓу најбараните професии на специјализираните интернет сајтови
Сања Наумовска
„За хемичари има работа, бидејќи нема хиперпродукција на дипломирани кадри поради тоа што струката дозволува да работат на повеќе полиња, на пример во индустриски капацитети, во фармацијата како и во медицинските лаборатории“, вели младата хемичарка Андријана. Таа е меѓу малкуте среќни високообразовани луѓе кои, случајно или не, избрале професија со која лесно дошле до вработување.
Хемичари, информатичари, брокери, сметководители, но и професии како готвачи, возачи, келнери или продавачи, се меѓу најбараните по специјализираните интернет сајтови каде што се огласуваат слободни работни места. Пазарот е променлив и побарувачката за различни профили е различна од година во година, во зависност од моменталните потреби на компаниите, но и од актуелната мода и апетитите на граѓаните, особено ако станува збор за специфични занимања во услужните дејности. Во последно време меѓу помодерните професии, во кои речиси веднаш се наоѓа слободно работно место, се агенциите за обезбедување.
„Фирмите мака мачат да најдат квалификувани работници, како на пример месари или кожари. Високообразованите кадри речиси од сите профили ретко кој ги бара“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија. Тој нагласува дека средните стручни училишта не ги обучуваат доволно младите лица за овие специфични занимања, па компаниите организираат дополнителни обуки и веднаш ги вработуваат. Побарувачката на овој кадар, според Димитров, одговара на типот и на степенот на развиеност на нашето стопанство. Младите, пак, и покра�� тоа повеќе сакаат да имаат факултетска диплома, иако со години по ред бројот на дипломирани е многу поголем од бројот на новоотворени работни места.
„Во Организацијата работиме на еден проект со нашите членки во кој ментори од фирмите ќе обучуваат завршени средношколци за своите потреби и по обуката ќе ги вработуваат. На пример МИК од Свети Николе има голема потреба од месари“, вели Димитров.
Фактот дека пред неколку години рамо до рамо меѓу најбараните високообразовани профили, покрај информатичарите, беа и професорите по англиски јазик, ги поттикна младите да се запишуваат токму на овие факултети. Пазарот многу брзо се презасити од „Англичаните“, но не и од информатичарите. Затоа бројот на првите кои денес се без работа е многу поголем од оние кои ја избрале втората професија. Сепак, тоа не значи дека за неколку години не може да се изменат барањата на пазарот во обратната насока.
„Кај нас секоја година дипломираат меѓу 20 и 30 хемичари. Од мојата генерација речиси сите се вработени, повеќето од половината во својата струка, што е одличен процент“, вели Андријана. Таа раскажува дека по дипломирањето, најтежок е патот до првото работно место, бидејќи повеќето од фирмите бараат кадри со искуство. Но, како што вели таа, откако се стекнала со неопходното искуство, сегашното работно место го избрала меѓу пет понудени опции кои во моментот биле на располагање во огласите за работа на интернет.
|