05.08.2012, 16:49 Тетово го решава проблемот со вода за наредните 100 години
Тетово - За потребата на Тетово со вода за пиење, од реката Пена во шарпланинската месност „Лешница“ се врши зафат на води од 250 литри во секунда. Со постојните околу 400 литри Тетово го решава проблемот со вода за пиење за многу години.
Инаку, овој проект нецелосно, но континуирано, се остварува веќе 10 години, а досега не е реализиран од неколку причини. „Обврската ја презедовме ние како општина. Советот донесе одлука за финансирање на зафатот со 2,1 милион евра. Во претходните години беа извршени одделни работи, но не и проектот во целина. На потегот од Лешница до Лисец останаа уште седум километри, на кои очекуваме работите да завршат до октомври“. Ова го изјави градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, на средбата со новинарите во саботата, непосредно во месноста Лешница на Шар Планина, каде што почнува зафатот. Беџети рече дека целокупната инвестиција на проектот за новиот водоводен систем чини околу 5 милиони евра. Дел од нив веќе биле обезбедени од буџетот на државата во претходните години. Бидејќи за годинава не биле предвидени средствата за неговата доградба, обврската ја презела Општината.
„Не само за овој, туку и за други, помина време на несериозни проекти во општина Тетово. Овој грандиозен објект ќе го довршиме и ќе го решиме прашањето со вода за пиење за наредните 100 години. Водоводот ќе има двојна намена. Практиката од постојниот ни покажа дека може успешно да се инсталираат мини хидроцентрали. Според проектот, на овој зафат може да се изградат три мали хидроцентрали. Но, овој дел од проектот ќе го решаваме со концесии“, додаде градоначалникот на Тетово.
Како нов проект со водата за пиење, Сади Беџети најави изградба на филтер-станица. „Ќе се гради етапно, зависно од можностите и потр��бите, а ќе чини околу 4 милиони евра. До крајот на месецот сметаме дека ќе биде распишан и тендер. Инвеститорот што ќе биде прифатен да ја гради филтер-станицата, со дел од средствата ќе учествува и во изградбата на мини хидроцентралите“, рече Сади Беџети. |