23.10.2012, 17:54 Економетар
Вујче од Америка
Мирче Јовановски
Државата не најде начин како парите од дијаспората кои се слеваат секоја година, наместо главно во потрошувачка, да ги насочи во производство и во инвестиции со што нивниот ефект ќе беше уште поголем
Во добро и во лошо тој секогаш бил со нас. Можеби не во мера колкава што сме посакувале, или ни било потребно, но како што велат старите, ако не врне, ќе капне.
Станува збор за Вујче од Америка, синонимот кој ја отсликува нашата дијаспора, нашинците кои од различни причини си заминале од татковината во потрага по подобра среќа, од немајкаде, да побегнат од сиромаштијата, или поради тоа што не биле многу омилени кај властите...
Претставата за нашиот Вујче од Америка често се поврзувала со необразован Македонец, најчесто со селско потекло и исто такви манири, човек кој го заборавил мајчиниот јазик, но недоволно го владее јазикот во земјата во која емигрирал и кој своето видување за татковината го замрзнал во моментот кога ја напуштил родната грутка.
Впрочем, не се ретки стереотипите како „гив ми бардачето вода да се надринкам“, или „ќе ојме во киченот да зготвиме чикен“... Иако, за волја на вистината, и во реалноста имало вакви и слични комични ситуации.
Отсекогаш Вујче од Америка на овие простори се доживувал и како некој вид Дедо Мраз. Човек кој кога ќе дојде дели подароци. Или ги праќа по пошта, а понекогаш и по некој друг нашинец кој дошол во посета кај своите. Најсаканите подароци секако биле во вид на зелени банкноти. И ретко кој бил задоволен од неговата дарежливост.
Но и таков, ефектот на Вујче од Америка воопшто не е за потценување. Со години, па и со децении, придонесот на нашинците од онаа страна на границата всушност е огромен. Долар по долар (или евро, франк, сеедно), секоја година во земјава се слеваа (и уште се слеваат) стотици милиони во вид на странски валути, кои земено на купче ја спасуваат домашната економија од вистинска катастрофа. Дури и во годините на криза, парите кои ги праќале овие нашинци не биле воопшто за потценување.
Да не беа овие пари Македонија практично ќе немаше девизни резерви, кои сега достигнуваат 2 милијарди долари и покриваат четиримесечен увоз, ниту пак денарот ќе можеше да остане стабилен сиве овие години. Многу веројатно е дека инфлацијата ќе беше надвор од контрола, бидејќи за да се намират сите потреби, ќе мораше да се печатат пари. Вредноста на денарот ќе се намалуваше, ќе можеше да се купуваат се' помалку работи од странство. Дефицитот, пак, ќе беше многу поголем, освен ако поради обезвреднетата домашна валута македонската економија не станеше толку конкурентна што ќе привлечеше инвестиции и ќе ја повлечеше напред, како што уверуваат некои економисти. Но, тоа е друга тема за дискусија.
Парите од дијаспората неколкукратно ги надминуваа износите на кредити кои се земаа од меѓународните финансиски институции, а за кои требаше да се исполнат еден куп услови, да се намалуваат пензиите, да замрзнат платите, да се продадат стратешки стопански капацитети... а, нашинците никогаш не поставуваа никакви барања.
Но, „штосот“ е во тоа што парите од дијаспората се расцепкани. Тие можеби врз населението го имаат ефектот како од системот за наводнување во земјоделството познат како „капка по капка“, бидејќи ги зголемуваат потенцијалите за трошење, но за економијата во земјата не се движечкиот фактор како што е тоа една кредитна линија од која се гради некој објект кој утре ќе го зголеми производството, ќе вработи луѓе...
Проблемот е што државата не најде начин како овие пари наместо во потрошувачка, да ги насочи во производство, во инвестиции со што нивниот ефект ќе беше уште поголем.
Модерниот Вујче од Америка, меѓутоа, е сосема поинаков од порано. И денес се емигрира за да се побегне од сиромаштијата, но се' повеќе и да се докаже на некое поле. Денешниот Вујче од Америка е и млад образован кадар, кој зграпчува се' пред себе во средината во која ја гради својата иднина. Таквите стануваат ценети менаџери, луѓе на раководни позиции, истражувачи, уметници. Новата генерација има потенцијал да ги смени работите и стекнатото знаење и искуство надвор од земјата да го пренесе и тука. Ако некогаш беа потребни генерации за нашинците да се образуваат и да стекнат позиции во општествата каде што се иселиле, сега тоа е скратено на години.
Деновиве во Охрид се одржа конференција, која го покажа токму новото лице на современиот Вујче од Америка. М��ади, образовани, модерни...
Собирот, иако имаше многу побомбастично име (Глобален инвестициски самит), во суштина имаше цел на нашиот Вујче од Америка да му додели малку поинаква улога од онаа која до сега ја имаше. Односно, од донатор да го преобрази во инвеститор кој не само што ќе дава пари, туку за вложените средства да може да оствари и профит.
Колку во тоа ќе се успее ќе се види допрва, иако за такво „пресвичување“ ќе треба да се направат многу повеќе работи на домашен терен отколку што се уверувањата дека сме земја односно место каде што е најдобро да се инвестира.
И досега имало примери нашинци од светот сето она што го спечалиле да го вложат во некој бизнис тука. Но, бирократските бариери, корупцијата и локалните моќници се покажале непремостливи пречки за намерите на Вујче од Америка она што го спечалил надвор да го оплоди тука. Резултатот во повеќе случаи бил поразителен, како за повратниците, а уште повеќе за довербата кај нив да ги инвестираат парите во земјава.
Прашање за размислување е дали некој кој децении работел во странство, би се осмелил да инвестира тука, ако знае дека утре владата може да си земе за право да оцени по своја волја дали и кога ќе го врати данокот на додадена вредност, или да одолжува со плаќање на фактурите за некоја завршена работа. Уште повеќе што таквото однесување е сигнал и за другите деловни субјекти, или само оправдување да се однесуваат неодговорно. Оние другите, пак, наместо своите напори да ги насочат кон развивање деловни стратегии, поголем дел од времето ресурсите и енергијата ги трошат за изнаоѓање формула како да ги наплатат побарувањата.
Ова се клучните работи кои ќе треба да се расчистат, иако, собирот во Охрид покажа дека постои цврста волја за соработка и дека ако знаеме како да се поставиме, дијаспората ќе возврати многукратно повеќе. |