24.10.2011, 17:47 Чудните навики на диктаторите
Иди Амин ги протерал интелектуалците бидејќи немал образование, Мао Цетунг не си ги миел забите, а Дувалие ги убивал кучињата, сметајќи дека во нив се претвориле опозиционерите
По смртта на Моамер Гадафи, во некролозите се побрза да се споменат чудните навики на либискиот диктатор. Тој патувал во придружба на атрактивни жени-телохранители, облечени во воени униформи и ��ашминкани. Носел колоритни облеки што го привлекувале вниманието. Преферирал да ги прима посетителите во бедиунски шатор, па еден таков крена и во Бедфорд , Њујорк, во 2009 година на имот изнајмен од Доналд Трамп.
Многу од диктаторите си дозволувале чудно однесување, но каприците на Гадафи беа уникатни, според Џеролд Пост, политички психолог во Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Една работи што му била заедничка со другите диктатори, открива Пост за „Лајв саенс“, е нарцисоидноста. „Неговата реторика беше мошне нарцисоидна, ’Мојот народ, сите тие ме сакаат, сите ме сакаат, ќе ме заштитат‘“, вели Пост. „Тој сметаше дека е незамисливо неговиот народ да не го сака“.
Многу диктатори се познати по чудното однесување. Мао Цетунг, кинескиот комунистички лидер, наводно, не сакал да ги мие забите, според „Приватниот живот на претседателот Мао“, мемоари од Ли Жисуи, лекарот на Мао. Незаинтересираноста на Мао за дентална хигиена можеби се должи на неговите корени од село.
Други дентални информации за дикаторите откриваат дека покојниот „доживотен претседател“ на Туркменистан, Сапармурат Нијазов, кој владееше со земјата се' до неговата смрт во 2006 година, предлагаше неговите поданици да глодаат коски за да ги зајакнат забите, извлекувајќи ја оваа лекција од кучињата. Нијазов, исто така, се нафати да ги менува имиењата на месеците по членовите на своето семејство.
Ексцентричностите на некои лидери изгледа биле дизајнирани да ја зацементираат својата власт. Франсоа Папа Док Дувалие, кој владееше со Хаити од 1957 до 1971 година, еднаш наредил сите црни кучиња во земјата да се усмртат откако му било кажано дека политички ривал се трансформирал во такво куче. Дувалие изгради култ на личноста околу себе, оживувајќи ги вуду традициите и прогласувајќи се себеси за избран од Бога.
Но, бизарноста во никој случај не е универзална карактеристика на диктаторите, предупредува Пост. Садам Хусеин, на пример, не беше познат по бизарноста, ниту, пак, Јосиф Сталин.
Она што многу диктатори го имаат како заедничко, вели Пост, е особината наречена „малигна нарцисоидност“. Малигните нарцисоиди се особено егоцентрични и се гледаат себеси како спасители на својот народ. Тие имаат параноиден став, обвинувајќи надворешни сили кога работите ќе тргнат во погрешна насока. Гадафи, на пример, ги обвинуваше и Запад и Ал Каеда за либиското востание, дури и тврдеше дека некој ставил халуциногена супстанција во „нескафето“ на бунтовниците.
„На малигните нарцисоиди, исто така, им недостасува совест и се подготвени да употребат каква и да е потребно агресија за ја постигнат својата цел“, вели Пост. И бидејќи тие ја имаат целосната контрола, има неколку општествени контроли на нивните личности. „Како диктатори, спротивно на демократски лидери, тие се способни да ја обликуваат нивната земја за да им одговара на нивната психологија. Меѓутоа, подвлекувајќи ги заблудите за величественоста на малигните нарцисоиди, тоа се сфаќа како длабока несигурност и мала самопочит“, вели Пост.
Понекогаш оваа несигурност има трагични последици. Диктаторот на Уганда, Иди Амин, беше несигурен поради немањето доволно образование, наведува Пост, и тој таа своја несигурност ја покажа со прогонот на интелектуалци во својата земја.
Што се однесува до Гадафи, неговото чувство на нарцисоидност остана со него до самиот крај, посочува Пост. „Тој не беше толку психотичен за да го негира она што се случуваше или дека тој ја загубил својата власт“, вели тој. „Тоа го кажал, верувам, поради тоа што му било многу тешко да поверува дека неговиот народ се кренал против него“. (Лајв саенс)
|