27.10.2011, 15:06 Спомен-куќата природно се вклопи во амбиентот
Идејата ни беше обЈектот да изникнува од теренот, вклопувајќи се природно со столетните дрвја
Валентина Тодоровска
На 4 ноември во Барселона, Спомен-куќата на Тоше Проески, рамо до рамо со уште два проекта, ќе се натпреварува за првото место на реномираниот Светски фестивал на архитектура. Фантастичниот пласман (едно од трите места) и дос��га значи голем успех и во локални и во светски рамки. Какви Ви се чувствата деновиве?
„Веројатно ќе бидат измешани се' до 4 ноември кога на официјалната церемонија ќе биде објавено името на победникот. Се разбира дека годи фактот што се најдовме меѓу првите три проекти во таква силна конкуренција на повеќе од 700 проекти од најреномираните архитектонски студија од целиот свет. Со оглед на тоа дека првпат се пријавуваме на еден вака врвен светски фестивал каде што ја поминавме и првобитната селекциона проверка направена од 69-члено жири, составено од најпризнати архитектонски имиња, овој досегашен успех е само додатен стимул да се бориме за подобра презентација и на проектот и на земјата. Моментно се подготвуваме за завршната презентација која ќе ја имаме пред жири-комисијата и пред сите присутни гости на фестивалот“.
Што мислите за конкуренцијата, објектите во Калкута и во Мексико Сити?
„Морам да признам дека мексиканскиот претставник Музеј на сеќавање и толеранција е според мој вкус и го сметам за сериозен конкурент, додека за објектот ’Атмосфера‘ во Калкута, иако е многу впечатлив на прв поглед, поради тоа што е само концепт, имам малку информации за да ја согледам севкупната слика за него“.
Самиот процес на создавање на објектот, од идеја до реализација... Што би издвоиле од периодот на творењето и изградбата?
„Идејно решение го работевме малку повеќе од еден месец, додека разработката на основниот и изведбениот проект ни одзеде околу шест месеци. Од големо значење е тоа што во Министерството за култура наидовме на разбирање и на одлична соработка за цело време од изградбата на објектот, што како резултат го имаше изградениот објект во целост ист со првобитната идеја. За да добиеме еден ваков објект, покрај моите колеги Дејан и Илија, секако, се заслужни и десетина други проектанти од сите фази кои беа вклучени во разработката на овој проект и без кои тој не би бил каков што е“.
Спомен-куќата на Тоше најприродно се вклопи со теренот, стрмнината на Гумење...
„Ја погодивте најбитната и појдовна точка која ни беше водилка при проектирањето на објектот. Една од најтешките задачи беше да се вклопи еден ваков објект на таа местоположба, опкружена со историски споменици во легендарното Крушево. Сакавме да биде вклопен во косиот терен, не сакајќи да му парира на ’Македониум‘. Идејата ни беше објектот да изникнува од теренот, вклопувајќи се природно со столетните дрвја, при што и вториот важен симбол, кој е составен дел од идејата - крстот, ќе биде видлив од сите страни. Кога за тие два елемента го најдовме најсоодветното решение, останатото беше многу лесно. Инспирација за понатамошното дообликување на просторот, и надвор и внатре, можеше да се најде на секој чекор: сеедно дали се тоа лисјата аплицирани на фасадата што се земени од неговото последно цеде, неговата изјава ’Ве сакам сите‘ што ја поставивме во ентериерот на 100 различни јазици или се тоа неговите размислувања во врска со верата, љубовта, семејството, поставени во молитвеникот. Мислам дека и најубавиот комплимент што го добивме за нашиот труд беше и еден коментар од музеолог, кој гледајќи го просторот пред да се постави музејската поставка, кажа дека и без ниту еден предмет во витрините, Спомен-куќата со сите детали вградени во ентериерот доволно говори за Тоше“.
Имавте ли некакви сугестии од семејството Проески?
„Во Комисијата за избор на идејно решение на Спомен-куќата беа и неколкумина члена од фамилијата и од Фондацијата, кои го дадоа гласот за нашиот труд. Но, и во текот на целата изградба на објектот имавме целосна поддршка и помош од нивна страна. Нема да ги заборавам многубројните фанови кои ни помогнаа со свои сугестии и материјали поврзани со Тоше, како и луѓето од ’Аворд продукција‘, неговата менаџерка, многу новинари и пријатели“.
Обврската и одговорноста е уште поголема со оглед на огромниот број обожаватели на Тоше . Токму затоа - што беше предизвик „Синдикат студио“ да го прифати овој ангажман?
„Пред да се пријавиме на конкурсот за овој објект, како студио што постои од 1994 година, учествувавме на десетина слични конкурси, сакајќи да се натпреваруваме и да се презентираме пошироко во јавноста. Неколку месеци пред ова, со колегите се договоривме дека треба да се заврши тој период од нашето творење. Но, се објави расписот и ни ги измеша плановите. Кога им кажав на Дејан и Илија дека треба да работиме уште еден конкурс, ме потсетија дека токму јас ��ев најгласниот во одлукатa, но кога видоа за кого се работи, немаше двоумење. Предизвикот беше самиот Тоше. Обврската и одговорноста беше огромна не само кон неговите фанови, туку и кон целата јавност. Мислам дека резултатот на нашиот труд никого не остави рамнодушен или разочаран“.
Што мислите, колку популарноста на Тоше влијаеше на Вашиот пласман?
„Секако, но и покрај тоа, сметам дека самото селектирање и прием на нашиот труд на вака реномирана манифестација е голем успех. Покрај гласовите на почитувачите на Тоше, секако, голем е бројот на гласовите и од стручната јавност, која е вклучена или ќе присуствува на овој фестивал“.
Го познававте ли Тоше приватно, дали Ви е блиска неговата музика?
„За голема жал, не. Иако се најдовме заедно на една прослава на Стара нова година, иако стоевме еден до друг цела вечер, не се запознавме. Тогаш ја видов целата негова скромност и едноставност, поради која и го почитував како човек. А во однос на песните... Секој што ме познава веднаш ќе ви каже дека е тоа ’Несаница‘, таа песна е единствена, но најмногу емоции чувствувам во ’Јано мори‘.
Спомен-куќата сега го живее својот живот, досега (од отворањето на 25 април) ја виделе над 11.000 луѓе, секој со своја импресија...
„Сметам дека изградбата и постоењето на еден ваков објект е најмалку што може Македонија да стори во чест на еден ваков човек. Секојдневно ја добиваме таа потврда и со посетеноста на Спомен-куќата од најразлични делови на Земјината топка, но и со многубројните пофалби и коментари. Слушајќи и читајќи ги кажувањата на оние што го посетиле објектот, влијанието што тој го остава, навистина ме прави горд што сум архитект“. |