24.10.2011, 18:11 Почна да се расипува новата медицинска опрема
Новиот лапараскоп на Дигестивна хирургија е расипан 50 дена, не се знае кој треба да го поправи
Јасмина Јовановска
Медицинската опрема набавена со големиот тендер за потребите на државното здравство почна да се расипува.
Новиот лапараскоп на Клиниката за дигестивна хирургија, со чија помош се вршат стомачни операции без класични резови, повеќе од еден и пол месец не е во функција, па клиниката е принудена да ги редуцира овој вид интервенции.
Откако се расипал апаратот немало кој да го поправи, зашто, како што велат неофицијални извори од клиниката, не се знаело кој треба да го поправи.
Клиниката го барала сервисерот, но не успеала во тоа. Крајната дестинација било Министерството за здравство, кој ја набави опремата и кое треба да расчисти кој треба да ги одржува апаратите.
Расипувањето на новиот лапараскоп, како што велат лекарите кои работат со него, за клиниката значело намалување на бројот на лапараскопски операции.
Од три лапараскопи, клиниката сега е сведена на само на еден, бидејќи од двата лапараскопи кој моментално работат, еден е нов, а другиот е стар и амортизиран и не се знае кога може да откаже. „Сите избегнуваат да работат со стариот лапараскоп, со кој не само што не се знае кога ќе се расипе, туку со него видното поле не е добро, па операцијата може да трае и подолго отколку што треба“, објаснува д-р Милчо Пановски, еден од главните оператори на Дигестивна хирургија, кој работи лапараскопски интервенции. Тој додава дека прават редукција на операциите кај покомплицираните и потешки случаи, зашто со стариот лапараскоп можело да се оперираат само полесни болести на жолчката.
Овој хирург, како и другите што работат лапараскопски интервенции, не се зачудени што еден нов апарат се расипал само по пет месеци работење. Велат дека е можна и фабричка грешка на апаратот. Но, на хирурзите не им е јасно како може да нема овластен сервисер во земјава, кој брзо ќе реагира за поправка на новите апарати, бидејќи се под гаранција. „Како сега да се бара кој е сервисер, кога тоа треба да е утврдено со тендерот и за една недела да имаме поправен или нов лапараскоп на клиниката“, додава д-р Пановски.
Од Министерството за здравство велат дека обврска за сервисирање на новата опрема има фирмата што ја испорачала опрема. Оттаму велат дека проблемот брзо ќе се реши. „Испорачателот на опремата е должен да има договор со фирмата-производител за нејзино редовно сервисирање. За лапараскопот на Клиника за дигестивна хирургија, фирмата испорачател е ’Симед‘ од Холандија, која се се обврза да донесе нов апарат со кој веднаш ќе може да се работи, а претходниот апарат каде што е констатиран дефект ќе го земат за поправка и доколку се утврди дека дефектот е голем ќе го остават претходно донесениот нов апарат“, објаснуваат надлежните за медицинската опрема од Министерството за здравство.
Одговорните лица уште велат дека добиле ветување од „Симед“ новиот апарат дека ќе пристигне за неколку дена и потенцираат дека првпат се случува да се констатира дефект на некој од досега испорачаните апарати од тендерот. Но, од Министерството за здравство не одговорија дали во условите на тендерот стои за колку време треба да се реагира откако ќе се расипе некој апарат. (Ј.Ј.) |