25.10.2011, 18:05 Анализа
Дигитално судење
Ричард К. Шервин
Видеоснимките и анимациите се моќни средства во потрагата по правда што се базира на факти. Но, тие создаваат и нови камења на сопнување
СНа 3 октомври, италијанскиот апелациски суд ја укина пресудата за убиство на Аманда Нокс и нареди веднаш да биде ослободена од затвор. Во 2009 година, Нокс и нејзиното поранешно момче Рафаеле Солецито беа прогласени виновни за сексуален напад и за фатален напад со нож на цимерката на Нокс, Мередит Керчер во 2007 година. Нокс беше осудена на 26 години затвор. Таа одлежа четири години пред да биде ослободена.
Ослободувањето главно се базираше на отсуство на веродостојни форензички докази кои ја поврзуваат Нокс со злосторството. Обвинителите тврдеа дека на оружјето со кое е извршено убиството имало крв на Нокс. Но, ДНК испитувањето се покажа толку лошо што апелацискиот суд се чувствуваше принуден да го отфрли како несигурно.
Помалку дискутирано од сомнителните ДНК докази е дали графичка дигитална анимација, исто така, придонесе за обвинението на Нокс. Во завршниот аргумент на судењето, обвинителот од Перуџа, Џулијано Мињини играше компјутерска симулација која покажуваше аватар - Аманда како убива аватар - Мередит. Завршуваше со крвава фотографија, од крими-сцена, на телото на Керчер. Сега се чини дека анимацијата била само фантазија, анимирана верзија на теоријата на обвинителството во која Аманда Нокс настапува како фатална жена луда по секс - „Фокси Нокси“, како што ја нарекуваа британските таблоиди, „ѓаволица“, како што пишуваа многу европски новинари, соодветно на фразата на обвинителот.
Во Италија, ослободувањето предизвика бран самообвинувања. Надвор од судницата, група набљудувачи извикуваа „Вергоња! Вергоња!“ или „Срам! Срам!“. Виторио Зукони, кој пишуваше за „Република“, имаше помалку обвинувачки тон: „На крајот, тоа беше судење на различна култура, повеќе судир на култури отколку правен случај“, тврдеше Зукони. „Истата девојка која обвинителите ја опишуваа како ѓаволица гладна за секс и за оргии, според мислењето на американската јавност, во обратни димензии, беше сфатена како невина дива која паднала во осило на неспособни, зли луѓе“.
Но, тоа гледиште претпоставува дека законот и културата се два одделни света.
Не се. Ефикасни обвинители и адвокати на одбраната ја уриваат популарната имагинација за познати ликови („ѓаволица“, „фатална жена“) и натрупуваат сценарија („сексуалната игра тргна во погрешна насока“) за да помогнат нивната сторија да влезе во судот. И, се' повеќе, нивната адвокатура почнува уште пред да се отворат вратите на судницата. Преку протекување на информации до медиумите, интервјуа, социјални мрежи, и посебно дизајнирани веб-страници, адвокатите често ги шират нивните стории во судот на јавното мислење. Кога е поставена наративната рамка, исто така, е воспоставен и системот на верување што го опфаќа. Во рамките на тој систем на верување, се одбиваат противречните детали, додека согласните го освојуваат вниманието на набљудувачите.
Ова е важно за судските адвокати бидејќи секогаш има празнини во доказите. Тешко е да се реконструираат настани од минатото. Но, со препознатлива рамка на сторијата и група познати ликови во рака, тие можат да ја наговорат нивната публика (поротниците и судиите) да ги пополнат деталите што недостигаат. „Така се одвива тој вид сторија“. „На тој начин се однесува лице од тој вид“. Искуството на публиката во светот става месо на голите коски на правната теорија на обвинителот или адвокатот на одбраната. Така почнува битката за срцата и мислите на потенцијалните поротници. Во тој смисол, медиумските стратегии се правни стратегии.
Тоа помага да се објасни зошто семејството на Аманда Нокс ангажирало фирма за односи со јавноста наскоро по нејзиното апсење во 2007 година. Во периодот што доведе до жалба на нејзиното обвинение, беа направени напорни обиди да се рехабилитира нејзиниот лик. Семејството Нокс требаше да го врати нејзиниот имиџ од канџите на италијанските обвинители и таблоидите. Се покажа дека „Фокси Нокси“ сега е референца не за нејзиниот социјален живот туку за нејзините вештини во фудбалот. И наместо сторијата за „ѓаволица“, добиваме позната приказна за невина Американка во странство фатена во кафкијански ноќен кошмар.
Оваа битка за редовите на сторијата се одвива уште помоќно на екранот отколку во печатена форма. Во ера на смартфони и насекаде присутни камери за надзор, настаните што некогаш би поминале нерегистрирани се сочувуваат за потомството и, неминовно, за судење. Во исто време, дигиталната графика и анимациите ги носат донесувачите на одлуки било каде и насекаде – во телото на случаи на медицинска злоупотреба, во комплексна машинерија во случаите на кршење патенти или на сцената како виртуелни сведоци на убиство во криминален случај.
Видеоснимките и анимациите се моќни средства во потрагата по правда што се базира на факти. Но, тие, исто така, создаваат нови камења на сопнување. Како гледачи, можеме да помислиме дека ја согледуваме целата слика, но секоја камера врамува сопствена гледна точка. Со подеднаква сигурност можеме да веруваме во дигиталните слики што ги гледаме, но како можеме да бидеме сигурни во нивната основа во реалноста? Кога ќе влеземе во доменот на дигитална симулација, како се заштитуваме од запаѓање во бескрајна матрица на изгледи? Кога судијата и поротата ја гледале анимацијата на обвинителството на судењето за убиство на Аманда Нокс, во чија фантазија влегле тие?
Се' поголемата употреба на видеоснимки, симулации и софистицирана графика (вклучувајќи и ДНК-анализа) како основа за правни одлуки ги покажува промените на судството во дигиталната ера. Приспособувањето кон тие промени со недопрен кредибилитет на нашите правосудни системи ќе значи широко култивирање на една попрефинета способност за критично визуелно судење.
(Авторот е професор по право и директор на Проектот за визуелно убедување на Њујоршкиот правен факултет. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |