16.11.2011, 16:01 Курт Вокер: САД и ЕУ да ја „вратат“ Времената спогодба
Сегашната статус кво ситуација со членството на Македонија во НАТО и препораката за преговори во ЕУ не е во интерес на никој, ниту на Грција, ниту на Македонија, ниту на Европа, ниту пак на САД.
Поранешниот амбасадор во НАТО, Курт Вокер ги повика САД и ЕУ да обезбедат почитување на Привремената спогодба, бидејќи сегашната статус кво ситуација со членството на Македонија во НАТО и препораката за преговори во ЕУ не е во интерес на никој, ниту на Грција, ниту на Македонија, ниту на Европа, ниту пак на САД.
Ова е дел од пораките на дебата за Балканот на седницата на Поткомитетот за Европа и Евроазија на Одборот за надворешна политика на Конгресот. Ставот на официјалниот преставник на САД, Филип Гордон, сепак беше повоздржан.
- САД го поддржуваат процесот за решавање на прашањето за името што се води во ОН и ќе поддржат секое заедничко прифатливо решение што ќе произлезе од него. Но, за да се постигне тоа неопходен е конструктивен ангажман на Атина и на Скопје, истакна помошник државен секретар Филип Гордон.
- Според Привремениот спогодба од 1995 година, Грција се согласи да ја поддржи македонската интеграција во меѓ��народните организации под привременото име „поранешна југословенска Република Македонија“. Но, Грција ја прекрши таа пракса кога дојде време Македонија да се приклучи во НАТО, предупреди Вокер. Оттогаш, додаде, во Македонија се забележува забавување во одредени реформи и влегување во некои контроверзни внатрешно-политички прашања.
- Со години ги поддржувавме преговорите за името што се водат во ОН. На маса беа ставени сите елементи. Време е САД и ЕУ да преземат заеднички напори за доследно почитување на Привремената спогодба од 1995 година и употребата на привременото име, што со согласност од Грција, би овозможило Македонија да му се приклучи на НАТО и да направи прогрес кон ЕУ. Во истовреме би се направиле и посилни политички напори и притисоци за поддршка на преговарачкиот процес во ОН што би овозможило двете страни да дојдат до конечно решение, порача Курт Вокер.
И претседателот на германскиот Маршалов план во САД Иван Вејвода, смета дека е крајно штетна ситуација не само за Македонија, туку за целиот регион и за процесот на проширување, земјата која е кандидат за членство во ЕУ веќе шест години, да не може да ги почне преговорите поради нерешеното прашање со Грција во врска со името.Според него, енормните економски проблеми со кои се соочува Грција за жал не му погодуваат на решавањето на 19-годишниот спор.
Осврнувајќи се вантрешните состојби во Македонија заменик државниот секретар Филип Гордон посочи дека САД ги споделуваат заклучоците, забелешките и препораките искажани во Извештајот на Европската комисија.
- Неопходно е да се посвети внимание на предизвиците поврзани со владеењето на правото, особено зголемување на независноста на судските институции и борбата со корупцијата. Иако Македонија направи прогрес во меѓуетничките односи, неодамнешното прекинување на пописот поради политички спор за тоа како да се попишат граѓаните од сите етнички заедници, укажува дека е потребно да се посвети поголемо внимание на ова прашање. САД ја охрабруваат Владата да го стори тоа во словото и духот на Охридскиот рамковен договор, рече Гордон.
|