16.11.2011, 14:42 Бизнисмен и бодигард ги убиле двајцата тетовци во Италија
Италијанската полиција ги уапси Лука Черубини и Даниел Саравини поради убиството на Христо Узунов и Салија Екрем во шумата Магдалене.
„Уапсен сум за убиство“. Ова се единствените зборови кои 37-годишниот бодигард Лука Черубини им ги кажал во телефонскиот разговор со неговото семејство, завчера по неговото апсење поради убиството на двајцата тетовци во планината Магдалене во Италија. Тој се претпоставува дека го извршил убиството на тетовците Христо Узунов(42) и Салија Екрем (45), по нарачка на италијанскиот бизнисмен Даниел Саравини, кој бил поранешен полицаец. Во заднината на убистовото, според досегашната истрага на италијанските органи, се криела голема зделка за изградба на шопинг центар во Скопје. Наводно, се споменуваат средства во висина од 400 илјади евра, кои македонските бизнисмени наводно ги дале како депозит за добивање на гаранција од неколку милиони евра за изградба на објектот. Но, место да ги добијат парите назад, тие завршиле застрелани во шумата над градот Бреша, каде случајно ги пронашле берачи на костени.
Бодигардот Черубини вчера околу 14.43 часот бил приведен од полицијата во Бреша. Тој порано бил задолжен околу набавки на оружје, но по неговото пензионирање бил ангажиран како приватно обезбедување. По таа линија и се запознале со Саравини, бизнисмен од Парма, кој работел како финансиски брокер за лондонска банка во Лугано. Тој тврдел дека му требало обезбедување, бидејќи се чувствувал загрозен од бизнисмените со кои соработувал.
„Двајцата Македонци биле измамени од Саравини. Тие платиле гаранција од 400 илјади евра, за ветување дека ќе добијат 26 милиони евра за изградба на шопинг центар во Скопје. Очигледно парите кои што ги платиле странците биле потрошени“, пишува весникот „Кориере дела сера“.
Двајцата тетовци, според италијанските медиуми, платиле со животот, за договорот кој не се остварил. Тие на 23 јуни од Тирана полетале за Милано, а потоа се упатиле во Бреша каде се сместиле во хотел, некаде пред 20 часот. Платиле за една ноќ и по кратко време излегле, по што повеќе не се вратиле. Истата вечер биле убиени во шумата над црквата Сан Готардо. Како што известуваат медиумите, Македонците биле убиени со огнено оружје во пределот на градите, а на нивното тело имало убоди и од нож. (Д.Т.)
|