17.09.2012, 12:18 Шпанија во финалето на Дејвис купот
Ферер го совлада Џон Иснер со 6:7, 6:3, 6:4, 6:2 и го освои третиот и решавачки бод за Шпанија во полуфиналниот викенд во Хихон
Шпанците продолжија да диктираат темпо во машкиот репрезентативен тенис дури и без својот најдобар тенисер Рафаел Надал. Предводена од Давид Ферер, „фуријата“ извојува победа над САД и се пласира во финалето на Дејвис купот. Ферер го совлада Џон Иснер со 6:7, 6:3, 6:4, 6:2 и го освои третиот и решавачки бод за Шпанија во полуфиналниот викенд во Хихон.
Шпанците тргнаа одлично, со водство од 2:0 во петочната сингл програма. Ферер тогаш беше подобар од Сем Квери со 4:6, 6:2, 6:2, 6:4, а Николас Алмагро го одржа трендот, иако тешко се справи со Иснер во пет сета (6:4, 4:6, 6:4, 3:6, 7:6). Американците направија обид да се вратат преку своето најсилно оружје, браќата Брајан, кои во двојки ги добија Марсел Гранолјерс и Марк Лопез со 6:3, 3:6, 7:5, 7:5, но изостана поддршката во поединечна конкуренција.
Ова е четврто финале за Шпанија во последните пет години, а ако титулата остане во Мадрид тоа ќе биде шести трофеј за „армадата“ во ова натпреварување. Нејзинј противник во финалето ќе биде победникот од мечот Аргентина - Чешка, а пред вчерашните решавачки двобои Чесите водеа со 2:1. Во петокот Дел Потро го совлада Штепанек во три сета (6:4, 6:4, 6:2), а Бердих возврати со тежок триум од 3:2 против Монако (6:1, 4:6, 1:6, 6:4, 6:4). Во дуелот во двојки Чесите направија вистински потег што ги ставија искусните Бердих и Штепанек како замени за Минар и за Росол, бидејќи тие лесно се справија со „втората постава“ на домаќините, Берлок и Шванк (6:3, 6:4, 6:3). Проблем за Аргентинците беше тоа што Дел Потро се повлече од вчерашните дуели поради повредата која ја носеше и во петочниот меч. На негово место скокна Берлок, за дуелот со Бердих.
|