19.09.2012, 16:27 Швајцарија - Чешка на стартот на Дејвис куп 2013
Лондон денеска беше домаќин на извлекувањето на двојките за првото коло од следната сезона, кои пак навестуваат неколку интересни соочувања
Додека шпанските и чешките тенисери размислуваат за финалето во Дејвис Купот, идниот месец, останатите членови на Светската група, веќе можат да ја планираат следната сезона. Денеска Лондон беше домаќин на извлекувањето на двојките за првото коло кои пак навестуваат неколку интересни соочувања.
Прво рангираната, Шпанија, е голем фаворит против Канада иако тимот предводен од Милош Раониќ ќе биде домаќин. Вториот финалист, Чешка, ќе има најтешка задача од сите носители затоа што ќе патува во Швајцарија. Ако Роже Федерер продолжи да игра, Томаш Бердих ќе има уште една шанса за подвиг како оној на УС опен оваа година и на Вимблдон лани. Србите се фаворити, но нема лесно да поминат на патувањето во Белгија, додека САД ќе оди на „чиста петка“ против новиот член на елитата, Бразил.
Првото коло, кое практично претставува осминафинале, ќе се игра од први до трети февруари. Дотогаш Дејвис купот треба да го добие првакот за 2012 година, а ќе решат Шпанија и Чешка од 16. до 18. ноември.
Дејвис куп 2013, двојки од првото коло: Канада - Шпанија, Швајцарија - Чешка, Германија - Аргентина, Белгија - Србија, Франција - Израел, САД - Бразил, Италија - Хрватска, Казахстан - Австрија. |