16.09.2012, 14:48 МЗТ Скопје го освои Меморијалот „Делибашиќ“
Македонскиот шампион до првиот трофеј сезонава стигна со победата над Босна од 89:62 во финалето
Кошаркарите на МЗТ Скопје во вистинско време влегуваат во посакуваната форма, посебно пред дебито во АБА Јадранската лига.
Тренерот Александар Тодоров и неговиот тим во Сараево ја бараше првата победа во контролните натпревари, а „металците“ на крајот го освоија трофејот на меморијалниот турнир „Мирза Делибашиќ“ во главниот град на Босна и Херцеговина. Откако во полуфиналето го совлада Сплит со 85:78, МЗТ Скопје во финалето покажа цврста и доминантна игра, на која домаќинот Босна имаше сили да и' парира само во првите 25 минути, по што македонскиот првак целосно ја презеде контролата и славеше со убедливи 89:62.
Изедначено се играше до 22. минута, кога босанскиот тим израмни на 36:36, но сино-белите веднаш одговорија со серија од 10:2 за удобна предност, која на истекот на третиот период достигна 61:47. Тука згасна секоја надеж на тимот на Босна, а македонскиот шампион до крајот само ја зголемуваше предноста.
Најефикасни во редовите на сино-белите беа Кејд Дејвис и Урош Николиќ, кои заедно реализираа 59 поени, од кои 25 отпаѓаат на првиот, а 24 на вториот. Настапија и О. Стојановски (3 коша), Мијајловиќ (9), Грнчаров, Д. Стојановски (7), Поповски, Чековски (12), Николиќ (24), Марковски (1), Дејвис (25) и Далман (8).
Тоа дека Николиќ е вистинско решение под обрачите, српскиот центар го потврди со тоа што беше најефикасен играч во редовите на МЗТ, како и со наградата за најкорисен играч на турнирот.
Пред официјалниот старт на Јадранската лига закажан за 29 септември против Цибона во Загреб, „штрковите“ претстојниот викенд ќе учествуваат на уште еден турнир во Ниш. (М.К.) |