17.09.2012, 13:53 Пирова победа на одбојкарите над Австрија
Таа не само што не беше доволна за второто место од групата Ц што води во баражот, туку на крајот ја закова Македонија на последното место
Најдобрите македонски одбојкари се враќаат како трагичари од квалификациите за Европското првенство 2013, и покрај победата над Австрија од 3:2 (25:21, 17:25, 15:25, 25:21, 15:13), во последното коло од турнирот во Острава. Таа не само што не беше доволна за второто место од групата Ц што води во баражот, туку на крајот ја закова Македонија на последното место, па на патот кон ЕП 2015 е можно да стартува од претквалификациите. Хрватска, Австрија и Македонија во вкупната табела заедно со првиот турнир во Виена завршија со по шест бода, а „коцкестите“ се втори поради сет-количникот 9:13, а ние и Австријците со 9:15.
По неочекуваната победа од 3:1 над Хрватите во петокот и благодарение на триумфот на Чешка над Хрватска од 3:1 во последното коло во Острава, на избраниците на селекторот Александар Тасевски против Австрија ќе им завршеше работа и победа од 3:1. Но, ако во меѓусебниот дуел во Виена водевме со 2:1 во сетови, па загубивме, овој пат се сменија улогите, но пресвртот во Острава и' донесе само пирова победа на Македонија. Домаќинот Чешка се пласира на ЕП.
|