19.09.2012, 12:16 Челзи ја почнува одбраната на европската круна
Првиот чекор е предизвик достоен на шампионскиот статус - Јувентус гостува на „Стемфорд бриџ“
Вистинскиот почеток на едно првенство е кога актуелниот првак ќе ја почне одбраната на титулата. Во фудбалската Лига на шампионите, Челзи вечерва ќе се обиде да му докаже на континентот дека пехарот од минатата сезона не го доби случајно. Првиот чекор е предизвик достоен на шампионскиот статус - Јувентус гостува на „Стемфорд бриџ“. И двете екипи имаат одличен почеток на сезоната, бидејќи водат во своите домашни првенства. Сепак, Лигата на шампион��те е посебен предизвик, особено за Јувентус кој се враќа во елитата по пауза од шест години.
„’Стемфорд бриџ’ не е најдоброто место да се почне, но кај нас нема страв. Ние сме шампиони на Италија и тоа мора да го оправдаме. Ова е наше враќање во ЛШ и затоа треба да биде посебно“, изјави Мирко Вучиниќ, Црногорецот кој ќе го предводи нападот на Јувентус. Покрај него, најверојатно, ќе стартува Асамоа, а Џовинко ќе остане на клупата, како и новото име во Торино, Никлас Бентнер. Кај Јуве повреден е само Лусио, додека во лондонскиот тим неколку играчи се избришани од болничката листа. Џон Тери и Ешли Кол се способни за настап, иако отсуствуваа од репрезентацијата во квалификацискиот меч против Украина. Оспособен треба да е и Хуан Мата иако беше изоставен од составот кој викендов одигра нерешено кај КПР. Многумина најавуваат дека Челси ќе се удави во заситеност по освоената титула, но тренерот Роберто ди Матео тврди дека апетитот за успех е ист како и минатата година.
„Нашиот сопственик никогаш не ги загубил амбициите. Тој секогаш сака да победува со овој клуб и затоа ние продолжуваме да трагаме по беспрекорност“, изјави италијанскиот стратег.
Титулата воопшто не ги убеди конкурентите дека Челси оваа година е поголем кандидат за титулата отколку што беше минатата година. Но, затоа тука е истата убеденост дека Барселона е најголемиот фаворит за пехарот. „Совршените“ од Каталонија ќе почнат мазно, против Спартак Москва на „Камп ноу“ и затоа убедлива победа е единствниот очекуван епилог.
Во вториот меч од конкуренцијата Е, Шахтјор го пречекува Нордсјеланд, додека во групата кај Барселона играат Селтик и Бенфика.
Во Ф-друштвото, Баерн е голем фаворит иако ќе стартува против најсилниот противник, Валенсија. Екипата што го елиминира Вардар, БАТЕ Борисов гостува кај Лил. Во групата Х, Манчестер Јунајтед ќе го нагости Галатасарај, а Брага е домаќин на Клуж.
|