19.01.2012, 17:16 Мислења
Политички здодевна 2012
Петар Арсовски
Политичката сцена ќе остане во аутистична летаргија. Од позицијата ќе гледаме аутизам, од опозицијата летаргија
Често добивам прашања, а често и самиот мислам на тоа што не' очекува во 2012. Имајќи ја предвид состојбата в�� која не' остави минатата година, со девастирана економија, со обвинувања за загрозени човекови права и слобода на медиуми, со општа метастаза на политикантство и агресивен политички маркетинг, а притоа без сериозно придвижување на меѓународен план и без јасна перспектива и визија за тоа каде ќе се движи државата во наредниот период, логично е да си ги поставуваме овие прашања и да сме сериозно загрижени за проекциите во 2012.
Во обид да направам некоја анализа на состојбите кои можеме да ги предвидиме за наредната година, мислам дека е важно претходно да ја погледнеме општата светска состојба, која во голема мерка ќе ги тангира, а некаде дури и ќе ги раководи процесите кои се одвиваат внатре во Македонија.
Во 2012, еврозоната ќе опстане. Со помали или поголеми интервенции, реално е да се очекува дека иманентната криза во Европа ќе биде, барем во 2012, одложена иако не сосема решена. Основата на проблемот е диспаритетот помеѓу напредните, стабилните и солвентните економии на северниот дел на Европа, и релативно неразвиените економии на југот, кои не можат да растат без финансика помош. Создавањето на еврозоната во 1999 им овозможи на неликвидните економии на југот да се задолжуваат во обем и со услови кои дотогаш не им беа достапни, во обид да се потпомогне растот на европската вкупна економија.
Сега се покажува дека овие јужни економии не се во состојба да го сервисираат овој долг, но уште посериозно, дека не можат ни да растат ниту да станат еднакви со северот без постојани интервенции и помош. Европската централна банка, со последната одлука да откупува до 20 милијарди евра неделно, направи потенцијал да откупи во текот на годината до 1000 милијарди евра, што претставува до 80 отсто од вкупниот долг во еврозоната (1250 милијарди евра), и со тоа е скоро невозможно некоја европска економија да банкротира во 2012.
Иако оваа помош (во вид на откуп на кредит), ќе биде условувана со структурни реформи и цврста монетарна политика, во основа, проблемот е надминат, барем за 2012. Но тоа пак од друга страна, значи дека европските инвеститори или ќе се повлекуваат, или нема ни да почнуваат проекти во периферијата на Европа, или во сателит земјите, во кои спаѓа економијата на Македонија.
Ако на ова се додаде фактот дека во домашните финансиски проекции за 2012 голем дел од приходите на нашата економија се планирани од странски инвестиции и иселенички трансфери, станува јасно дека ни претстои година полна со финансиски дупки и несолвентност. Сервисирањето на внатрешниот долг, недостатокот на свеж капитал, како и забавувањето на светската економија, ќе доведе до тоа во 2012 нашата економија да заглави во длабока стагнација, ако не и рецесија. Значи, кој не пропаднал во 2011, во 2012 сигурно ќе пропадне.
На политички план ситуацијата е слична. Светските сили се зафатени со сопствени проблеми, со големата генерациска трансформација на начинот на кој функционира светскиот поредок, и за нас ќе имаат многу малку време. Тоа е секако лоша вест. Недостатокот на било каков надворешен политички прогрес ќе доведе до внатрешни политички тензии. Во власта, тоа најверојанто ќе се реперкуира со дополнително затегање на односите во коалицијата, имајќи предвид дека досегашното примирје помеѓу ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ, кое е опортунитетна категорија, ќе биде ставено на искушение заради кулминацијата на разликите по основните политички платформи на двата коалициски партнери, а тоа се евроатлантските интеграции.
Во власта имаме две партии кои по основните постулати за иднината на државата имаат дијаметрално спротивставени ставови: едните велат дека без ЕУ и НАТО не се може, а другите дека дека интеграцијата во моментот не ни оди на рака.
Оваа дискрепанца во 2012 ќе кулминира, особено кога после самитот на НАТО во Чикаго, на кој веќе извесно нема да има никакво поместување на ова поле, ќе стане јасно дека оваа блокада ќе се реперкуира и на домашниот рејтинг на ДУИ. Дополнитено, ќе пропаднат надежите кои ги полагавме во пресудата од Хаг, и ќе стане јасно дека таа не претставува ништо одошто глорифицирано потапкување по рамо. Никој нема сега, ниту имаше тогаш дилема дали правдата е на наша страна. Еве сега знаеме дека е. Проблемот со агресивната политика во Хаг секогаш бил дека таа го усложнува проблемот, зашто другата страна ја става во ров, и ја тера дополнително да ја зацементира својата политика.
Оваа пат ситуација ќе се реперкуира на домашната сцена како незадоволство, и како зголемена, но неартикулирана политичка енергија. За ДУИ тоа ќе значи дополнителен притисок кон средината на годината, а за ВМРО- ДПМНЕ ќе значи ерозија на поддршката, како во бројки, така и во квалитет, во динамичките варијабили на сопствените поддржувачи. Сепак, имајќи предвид дека за 2012 не се закажани некои политички настани, односно дека првото пресметување на силите следи дури во 2013, на локалните избори, мислам дека политичката сцена ќе остане во аутистична летарија: од позицијата аутизам, од опозицијата летаргија.
Се уште не постои критична маса за посериозен политички исчекор, кој или би ја реформирал власта, или би донел промени, па така, очекувам полички досадна 2012.
Се' на се', во Македонија ништо ново. Економијата ќе стои, политиката ќе биде здодевна и дома и надвор. Ова на крајот ќе создаде општ револт, кој подеднакво ќе го почуствуваат и партиите од власта и од опозицијата. Дали тој ќе ги натера на акција, ќе видиме. Имајќи го предвид човечкиот потенцијал на сите страни, се сомневам.
(Авторот е магистер
по политичка комуникологија) |