19.01.2012, 17:19 Едиторијал
Паралелни светови во Владата
Александра М. Митевска
Али Ахмети, лидер на ДУИ и партнер во владејачката коалиција, фрли лопата на темелите на новиот плоштад во скопската населба Чаир што ќе го носи името „Скендер-бег“. Повеќето функционери на ДУИ, министри и пратеници, присуствуваа на помпезниот настан, со кој почнува одбележувањето на 100-годишнината од независноста на Албанија. Дојде и градоначалникот на Тирана, Љулзим Баша.
Но, го немаше скопскиот градоначалник, Коце Трајановски. Не дојдоа ниту премиерот Никола Груевски ниту министрите Македонци во Владата, која ја финансира првата фаза од долгонајавуваната изградба на плоштадот. Ги немаше ни опозициските партии, но нивното отсуство и онака беше очекувано.
Можеше да се очекува и дека „македонската постава“ на „Илинденска“ ќе го заобиколи настанот кој нејзиниот коалициски партнер од албанскиот камп го издигна на ниво на голема прослава. Сепак, имајќи ја предвид склоноста на актуелните функционери да фрлаат лопати и да сечат црвени ленти, некои можеби се понадеваа дека сопартијците на Груевски нема да ја пропуштат и оваа можност за фотографирање. Но, не испадна така...
Треба да се има разбирање за министрите и за пратениците кои го игнорираа стартот на изградбата на новиот плоштад во Чаир. Можеби се заморија или се заситија од толку прослави, поставувања камен-темелници и споменици, отворања нови објекти и пуштања во употреба на нови проекти - некои и по неколкупати. А плоштадот „Скендер-бег“ и онака не е дел од големиот проект „Скопје 2014“. Тој е само компензација за него - уште една отстапка за мир во владиниот двор, договорена во четири очи, без јавна расправа и без вклучување на експертската јавност и на другите политички фактори.
Спомениците и објектите што никнуваат последниве години на двата брега на Вардар, всушност, се верна слика и за владините политики и приоритети и за релациите меѓу коалициските партнери. На едната страна „Воинот на коњ“, а на другата Скенер-бег качен на коњ. На десниот брег печат за своето владеење ќе остави ВМРО-ДПМНЕ, а на левиот ДУИ. Секако, тоа што коњот го има и на двете страни е чиста случајност и нема никаква врска со политичката ориентација на ВМРО-ДПМНЕ кон десницата и на ДУИ кон левицата.
Затоа и не беше изненадување отсуството на вмровците во Чаир. Ахмети и неговите интегративци, исто така, ги немаше кога Груевски неодамна држеше говор и ја прогласи за отворена Порта “Македонија“, еден од објектите од „Скопје 2014“ што најмногу паѓаат в очи.
Со тоа уште еднаш се покажа дека два паралелни света функционираат на една улица во Скопје, на „Илинденска“, во една иста зграда, во „коцките“ крај Вардар. „Кохабитацијата“, веројатно, им се исплатува и, очигледно, добро им оди. Кога е во прашање желбата за освојување и задржување на власта, не е тешко да се откријат заеднички точки и меѓу најоддалечените паралели. Но, кога релациите во Владата ќе станат репер за соживотот и за релациите во општеството, тогаш би требало да се вклучи алармот.
Груевски и Ахмети можеби не можат да се најдат на иста линија за значењето на Александар за Македонците или за емоциите на Албанците кон Скендер-бег. И во не толку далечното минато можат да се најдат безброј работи што може да исцртаат нови линии на поделби меѓу нив двајцата. Доволно е да се вратат четири години назад...
Но, нивна заедничка обврска е да му оддадат почит на минатото, да се фокусираат на проблемите во сегашноста и со тоа да ја менаџираат иднината на државата. Токму за тоа добија легитимитет од своите гласачи. |
|
Статијата е прочитана 1256 пати.
|
Испрати коментар
|
|
Itar Pejo, 20.01.2012 00:21:18 | VMRO od ednata strana na Vardar, DUI od drugata. Sonot na Ljubco za podelba na Makedonija patriotite postepeno go ostvaruvaat. Vo nekolku cekori. Momentalno se crta granicata. |
| jovan, 20.01.2012 00:31:55 | Sto izgubivme, veke znaeme. Sto propustivme, i toa doznavme. Ni ostana uste da doznaeme kade odime. |
| Predavnik, 20.01.2012 01:28:28 | Mnogu bile slozni. Se prashuvam vo shto? Verovatno vo kriminalot. Drugde gi nikade zaedno nema. |
| milan, 20.01.2012 11:15:40 | Istorijata e nepristrasna eden den ke razjasni koj se vistinski patrioti a koj vistinski predavnici, no se plasam dotogas drzavata ke ni otide jabana.Pejo oni granicite veke gi imat iscrtano ama za toa imaat drug krivec. |
| Istocna Makedonija, 20.01.2012 11:52:42 | Pa,uste li e Ljubco aktuelen?!Kakov son,sega ova e jave,a ne go pravi Ljubco,koj i togas ne
napravi podelbi! |
| dobar den, 20.01.2012 14:05:33 | Vi blagodaram za ovaa tema, za ovaj komentar, g. Mitevska, a mislam, deka na ednostaven način dlaboko ja potrefi suštinata na raboti, što se dešavaat vo MK. Pozdrav. |
| deko, 20.01.2012 18:19:20 | Aleksandra ne si vo pravo.Ke ti dokazam,toest i samata ako si realna i odis na lice mesto ke vidis deka 70% od objektite se od levata strana na Vardar ne mi e jasno samo kako takvi objekti grandiozni tvoeto oko ne gi videlo.I sakas sega nekoj da te cita i veruva vo objektivnosta na tvojata kolumna.Kazi si barem otvoreno bez razlika kolku i da se ubavi objektite,ti sekogas ke gi kritikuvas makar i stranskite mediumi gi falat bidejki se napraveni od ovaa vlada a ne od sdsm.Treba da znaes deka sdsm nikogas ama nikogas ne gradel,obnovuval,restavriral, tie si se bavat samo so sebe i so svoeto bogatstvo steknato, ti najdobro znaes kako,i so nisto drugo bez razlika ti kolku i da sakas da bide poinaku. |
| bitola za bitola, 20.01.2012 19:05:17 | Aleksandra, i babami se vikashe Aleksandra. Site nie domashnite, bliskite, komshiite, site ja vikaa Santa. E, babami Santa se sekavam ushte kako mal, za mnogu raboti znaeshe da rechi Go izgubivme patot vo dvorot. E ovie sega za koj ti go pishuvash ovaj tekst, ne samo sho go izgubia patot vo dvorot, tuku od alchnost ja izgubia i dushata. |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 3°C
Магла
|
Вторник
Облачно
Макс: 4°C, Мин: -2°C
|
Среда
Снег
Макс: -1°C, Мин: -5°C
|
|
|
|
|
|