20.07.2012, 15:36 Ставрески: Пругата кон Бугарија станува реалност
Проектот предвидува рехабилитација на делницата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар
Република Македонија ја затвори финансиската конструкција за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8 кон Бугарија. Средствата во износ од 46,4 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, по исклучително поволни услови.
Ова го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на прес-конференција денеска на која истакна дека проектот предвидува рехабилитација на делницата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар.
- Реконструкцијата на оваа делница, а и целокупната изградба на пругата на Коридорот 8 станува реалност по 15 години тапкање во место Република Македонија конечно ќе може да почне со реализација на овој значаен проект, рече министерот и додаде дека пругата кон Бугарија е еден од клучните проекти за македонската економија и стопанство.
Средствата се обезбедени со рок на отплата од 15 години со грејс период од четири години и каматна стапка што во моментов изнесува 1,7 отсто.
Градбата на делницата се очекува да почне во првиот квартал од 2013 година, а работите на терен да завршат за три до четири години. Тендерот за изградба треба да се објави во септември годинава, откако договорот за заемот со ЕБОР ќе помине во Собранието на Република Македонија.
Министерот потенцира дека е обезбеден и грант од ЕБОР од 2,5 милиони евра средства со кои треба да заврши целокупната проектна документација и да може да се аплицира и за втората фаза од проектот кој опфаќа изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, а потоа и трета фаза кој се однесува на делот од Крива Паланка до границата со Бугарија.
Очекувањата, како што рече министерот, се дека до крајот на 2013 година ќе биде завршена проектната документација за делот од Бељаковце до Крива Паланка и да може на Борд на ЕБОР да бидат одобрени средства и за реализација на втората фаза. - Етапно ќе одиме, но фактот дека со обезбедените средства од 46,4 милиони евра и грантот покажува дека ЕБОР целосно застана зад овој проект и Република Македонија ќе го реализира целиот проект, истакна Ставрески.
Тој најави дека во исто време ќе се работи на проектната документација за западниот дел од Коридорот 8, односно делот од Кичево до албанска граница, за што, исто така, се користат грант средства од ЕБОР за подготовка на физибилити студија и потоа проектната документација, по што ќе може да се пристапи кон преговори за кредит од ЕБОР.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот истакна дека за Македонија како земја без море значајна е пругата кон Бугарија и кон Албанија за пристап до пристаништата во Бургас и Драч. |