20.07.2012, 13:42 Хорор во Колорадо - премиера на „Бетмен“ заврши со 12 убиени
Човек со гас маска на лицето отворил оган откако фрлил солзавец на полноќното прикажување на „Темниот витез“
Најмалку 12 лица се убиени, а 38 повредени во престрелката во кино во кое се прикажувал новиот филм со Бетмен во близина на американскиот град Денвер, во Колорадо. Очевидци на настанот изјавија дека човек со гас маска на лицето отворил оган откако фрлил солзавец на полноќното прикажување на „Темниот витез“. Дваесет и четиригодишниот маж е уапсен на паркингот во близина поради поседување на пушка, пиштол и нож. Друга пушка е пронајдена во киносалата, која е во Аурора. Полицијата излезе со намалена бројка на загинати од предходните 14. Беше наведено дека околу 50 лица се повредени, вклучувајќи ги и починатите.
Извори од ФБИ го именуваа напаѓачот како Џејмс Холмс, жител на Аурора. Тие наведоа дека не е утврдено дека станува збор за терористички напад. Американскиот претседател Барак Обама изрази шокираност од инцидентот, кој почна околу 30 минути по полноќ по локално време во кино комплексот „Сенчури 16“.
Очевидци тврдат дека на почетокот на нападот дел од гледачите помислиле дека станува збор за специјални ефекти од филмот, но кога сфатиле што се случува во салата настанал хаос сличен на сцени од филмовите на Бетмен.
Загинатите и ранетите настрадале од куршумите од огнено оружје и од металните делови на гасната бомба, која ја фрлил напаѓачот. Според медиумите, меѓу повредените има и деца, иако филмот не се препопрачувал за помлади од 13 години.
Во реакција на нападот американскиот претседател Барак Обама изјави дека е „тажен и шокиран од ужасната трагедија“ во Денвер.
„Мојата сопруга Мишел и јас сме шокирани и тажни“, изјави Обама, најавувајќи дека неговата администрација ќе направи се' што е потребо за да им помогне на повредените и на семејствата на загинатите.
Во врска со нападот се огласи и противкандидатот на Обама на ноемвриските претседателски избори, републиканецот Мит Ромни, кој изјави дека тој и неговата сопруга се длабоко ожалостени поради „беспричинското насилство“.
„Се молиме за семејствата и за најмилите на жртвите во овој тежок момент на шок и тага“, нагласи Ромни.
Аурора се наоѓа на 32 километри од местото Колумбајн, каде двајца средношколци во 1999 година со истрели од огнено оружје убија 13, а ранија 24 лица, по што извршија самоубиство.
Осомничениот и кажа на полицијата дека има експлозив во својот дом. Еван Дозиер беше во киното заедно со сопругата и децата. Полицискиот началник Ден Оутс пред новинарите изјави дека станбениот блок во северниот дел на Аурора е евакуиран додека ја истражуваат информацијата. Тој рече дека престрелката е „ужасен настан“. „Сведоците рекоа дека тој фрлил некаква лименка“, додава тој. „Слушнале шиштење и почнал да излегува некаков гас и тогаш напаѓачот отворил оган. Изгледа дека пукањето траело некое време“.
Десет лица се убиени во киното, а уште двајца други подоцна во болница им подлегнаа на повредите. Еден очевидец на настанот изјави дека човек со панцирен елек и шлем „бавно се движел по скалите и само пукал, одбирајќи случајни цели“. Друг очевидец Чајел Џексон, за Би-Би-Си изјави: „За време на првата акциона сцена во филмот, од десната страна дојде едно момче облечен целосно во црно, со црна маска. На почеток помисливме дека станува збор за дел од претставата. „Тој фрли солзавец во салата и потоа луѓето почнаа да креваат паника. Тој извлече пушка и почна да пука. Почнав да се прашувам дали ова е јаве или сон“.
Официјални лица од болницата изјавија дека некои од повредените се третирани од последиците од солзавецот. Друг очевидец, идентификуван само како Пам, за Би-Би-Си изјави: „Тој ја фрли лименката во воздух. Ја погоди во воздух и потоа почнав да слушам истрели од огнено оружје. Со ползење се извлекував од метежот. За среќа излезот беше близу од местото каде седев и излегов доста брзо. Додека излегував и понатаму слушав истрели“.
Друг очевидец на настанот, Салина Џордан (19) за „Денвер пост“ изјави дека видела девојка застрелана во образот, и девојче на околу деветгодидшна возраст со прострелна рана во стомакот. Очевидец од соседната кино сала за „9 њуз“ изјави дека помислил оти се вметнати специјални ефекти откако слушнал гласни истрели и видел чад.
|