17.10.2012, 18:51 Мислења
Судир на идеологии во С��Д
Роберт Несими
Во споредба со изборот што го добиваат Американците секои четири години, ние излегуваме на избори со врзани раце и идеолошки однапред познат резултат, иако можеме и заслужуваме поинаку
Според една стара изрека, во време на криза Американците гласаат со својот џеб. Големата рецесија од 2008 година и бавното закрепнување од неа, со анемични стапки на раст и се' уште голема невработеност, направија претседателските избори во САД да бидат едни од оние при што Американците речиси забораваат на остатокот од светот и се свртени кон своите внатрешни проблеми. Како што се приближуваат изборите, се вжештува битката, се' позачестени се собирите, дебатите, рекламите, медиумските пораки и, генерално кажано, се интензивира дебатата за правецот на земјата. Се кристализираат ставовите на едниот и на другиот кандидат, се истакнува тоа што ги разликува еден од друг и на виделина се појавува фундаменталната разлика меѓу републиканската и демократската филозофија на владеење.
Меѓутоа, САД не се единствена земја која денес се соочува со економска криза, а многу од тоа што се кажува во оваа изборна кампања е релевантна и надвор од САД. Дебатата што се води таму, всушност, претставува само еден посебен пример од генералниот судир на идеи меѓу левицата и десницата која би требало да се води насекаде низ светот. Во сржта на овој судир на идеологии е прашањето во колкава мера државата треба да биде инволвирана во секојдневниот живот на едно општество.
Најгорливите економски проблеми со кои мора да се справува секој американски политичар моментно се ескалирачкиот буџетски дефицит и вкупниот долг на земјата, невработеноста и издржливоста на т.н. ентајтелментс, односно пензиските и здравствени фондови. Се разбира, и Ромни и Обама имаат различни визии за нив и на американската јавност и' е јасно што да очекува конкретно ако го гласа едниот, односно другиот.
Во случајот на дефицитот, двете страни признаваат дека тој е превисок и дека мора да се стави под контрола. Разликата во пристапот, меѓутоа, се гледа во тоа што дали би скратиле од буџетот и дали би ги зголемиле даноците за државата да ги зголеми своите буџетски приходи. Ромни смета дека даноците треба да се намалат за сите слоеви на општеството, со што приватниот сектор и потрошувачите би имале повеќе пари во џебовите, економијата би се поткренала и приходите би пораснале бидејќи даночната база би била проширена. Во страната на расходите како омилени таргети му се кастрењето на регулативата и државната администрација, разните субвенции, јавниот радиодифузер, социјалните програми итн. Верен на јастрепските ставови на својата партија, тој во ниеден случај не би скратил од буџетот на одбраната. Лекот е класичниот конзерватизам: помала држава со што слободниот пазар би ги решил проблемите.
Обама и демократите, исто така, би ги намалиле расходите, но тргнувајќи од одбранбениот буџет на САД и никако на сметка на социјалните програми или образованието. Тој се залага за поголеми даноци за побогатите, а тие приходи би се инвестирале во образованието, инфраструктурата, субвенции за соларна и за ветерна енергија, со кои би се обезбедил економски раст во долг рок. Лекот тука е левичарски: државата треба да собере повеќе од побогатите и директно да се инволвира во економијата.
Со начинот на кој би се справиле со дефицитот горе-долу е јасно какви се политиките на едните и на другите за справување и со невработеноста. Ромни и републиканците сметат дека со намалување на даноците приватниот сектор ќе успее да создаде повеќе работни места, т.е. тој проблем би го решил слободниот пазар. Обама и демократите се согласуваат само делумно; тие сметат дека дел од вработувањата треба да дојдат и од јавниот сектор, на пример, со вработување повеќе учители, полицајци, пожарникари... Во овој поглед државата има директна улога и тоа како директен вработувач. Богатите и големите бизниси би платиле повеќе во даноци, а со тие пари би се обезбедила фер шанса за успех на другите, посиромашни слоеви на општеството.
Истата разлика може да се види и во пристапот кон пензискиот фонд и двата здравствени фондови на САД (Medicare и Medicaid - грижа за старите, односно сиромашните). Консензуално мислење е дека сите овие фондови не се одржливи и со сегашниот раст тие би банкротирале во една или две декади. Затоа е клучно да се намалат трошоците поврзани за нив, а притоа да се одржи истото ниво на грижа за социјалните случаи. Обама и демократите сметат дека проблемот го решиле со здравствената реформа, популарната Obamacare, што првпат воведува минимум сет на здравствени услуги за сите граѓани на САД, односно дава јавно здравство за сите граѓани. Меѓутоа, републиканците се спротивставуваат на ваквиот концепт. Според нив, и во пензискиот и во здравствените фондови, работата би се решила подобро со систем на ваучери, кои потоа граѓаните би можеле самите да ги инвестираат (во случајот на пензиските приходи) или да купуваат здравствено осигурување (во случајот на здравствените). Решението, значи, е пак државата да се тргне настрана и да остави пазарот да го реши проблемот.
Слични разлики има речиси за сите други прашања што се однесуваат на организирање на едно општество и улогата на државата во неа. Тоа што веднаш паѓа в очи е фактот што Американците имаат јасен избор каква држава сакаат во наредните години, но читателот сигурно ќе забележи дека ваква дебата е сосема отсутна во политичкиот дискурс во Македонија. Секој ден може да гледаме како ситничарски меѓусебно се обвинуваат за безполезни работи, а во суштина немаат никаква понуда за големите теми на едно општество и никаква разлика во нивното размислување по овие теми. Со години гледаме како една самонаречена десна партија продолжува да се задолжува без да размислува, троши државни пари за крајно бесполезни работи, да субвенционира, зголемува плати во јавниот сектор и, што е најтрагикомично за една десна партија, без трошка срам ја зголемува наместо да ја скроти државната администрација.
Ништо подобро не нуди и другата, самонаречена лева опција. И по неколку години поминати во опозиција, таа ниеднаш не кажа како би се справила со буџетскиот дефицит, дали се согласуваат со рамниот данок и со какви стапки би го смениле, што би направиле за подобро, посигурно побогато пензиско осигурување или што би промениле во здравственото осигурување.
Во смисла на идеолошка понуда на политичките партии во Македонија, за жал, мора да го повториме познатото клише дека „сите политичари се исти“. Во споредба со изборот што го добиваат Американците секои четири години, ние излегуваме на избори со врзани раце и идеолошки однапред познат резултат, иако можеме и заслужуваме поинаку. Политичарите во земјата му останаа куси на народот за секакви работи, но најголемиот нивен грев е дека во обидот подолго да останат на сцена пречесто се впуштија во чист популизам и никогаш не го иницираа прашањето и не дадоа одговор за тоа какво општество сакаме да имаме.
(Авторот е член на Институтот ИПЕСА)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
|