Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Коментари
17.10.2012, 19:08

Глобалист

Граници и имиња

Љупчо Поповски

Хрватско-словенечкиот спор за границата често се споменува за урнек како да се реши проблемот со името и нашето членство во ЕУ. Тешко може да се преслика овој модел, тој е за граница, ние разговараме за името

Често во македонската јавноста (и кога треба и кога не треба) ситуацијата околу спорот за името се споредува со недоразбирањата што ги имаат Хрватска и Словенија околу границата. Министри, аналитичари и новинари, во времето кога настаните изгледаа заглавени во ќор-сокак, се повикуваа на искуството од овој случај поврзан со Пиранскиот Залив и заговараа слична формула со која Македонија би била катапултирана кон преговори со Европската унија.

Но, работите дури и на прв поглед не се исти. Иста е само желбата – двете земји да склучат договор за решавање на спорот, а преговорите за ЕУ да си течат, па дури и членството да стигне. Македонско-грчката ситуација е речиси невозможно да се спореди со главоболките или аспирациите на Загреб и Љубљана околу границата на морето и копното. Веројатно и Европската комисија го видела тоа добро, па препораката за почеток на преговори ја зачини со услов кој може да изгледа примамлив, а во основа ја донесува Македонија пред одлука – сака членство во ЕУ и сака ли компромис за името?

Да видиме како дојде до хрватско-словенечкиот проблем и како се најде излезот од него. Некои поуки можат да се извлечат.

Двете земји воспоставија дипломатски односи на 6 февруари 1991 година уште во времето кога СФР Југославија формално не беше распадната, но тие веќе имаа прогласено сопствена независност. За време на федерацијата, морската граница во Пиранскиот Залив не беше утврдена, ниту, пак, беше обележана копнената граница по течението на реката Драгоња која се влива во Заливот. Во 1993 година Словенија упати две барања до Хрватска. Со првото се бараше целиот акваториум на Пиранскиот Залив (или Савудриска Вала, како што ја нарекуваат Хрватите) да биде признаен како територија на Словенија; второто барање произлегуваше од првото – словенечкото територијално море надвор од Пиранскиот Залив да има коридор кон отворените јадрански пространства. Хрватска ги одби двете барања, толкувајќи ги како територијални претензии на соседот. Со овие настани патот кон недоразбирањата беше отворен. На нив подоцна се надоврза словенечкото барање границата на Драгоња да не оди по средината на реката, туку по левиот брег и со тоа директно се поврза статусот на четири села. Во целата приказна се вметна и случајот на куќата на контроверзниот Јошко Јорас. Куќата се наоѓа на левиот брег на Драгоња и тој смета дека тоа е словенечка територија.

Нема тука никакви имиња, идентитети, јазици, историја, наследство – во прашање е чиста битка за мали територијални отстапки. Словенија е фрустрирана затоа што нејзините бродови за да влезат во пристаништето во Копар, според трипартитниот договор (вклучена е и Италија поради Трстјанскиот Залив), мора да бараат дозвола за поминување, затоа што хрватските и италијанските територијални води го приклештуваат Пиранскиот Залив. Така, словенечките бродови кога влегуваат во Копар, поминуваат низ хрватски морски коридор, а кога го напуштаат, излегуваат низ италијанското море. Проблеми во функционирањето на договорот нема, но Словенија се чувствува дека е онеправдана.

Има и уште еден помал проблем. Кога ЈНА се повлекуваше од Словенија во 1991 година, словенечката војска зазеде еден рид што се вика Света Гера, што според републичките мапи и' припаѓа на Хрватска. До ден-денешен словенечката војска е на овој рид, на кој имаше и антени за прислушување.

Тензиите меѓу двете земји се зголемуваа или спласнуваа во согласност според изборните потреби на политичарите, кога требаше да се покажува патриотизмот. Кога на Хрватска и' ги отворија портите на Европската унија, овој граничен јазол мораше да се разреши, во голема мера затоа што и Брисел ја притисна Словенија да не го злоупотребува членството во ЕУ.

Она што нам може да ни донесе поуки, а и да ги раздвои двата случаја е начинот на кој двете земји успеаја да направат исчекор и да го трасираат патот кон решение. Тоа им успеа на поранешните премиери Јадранка Косор и Борут Пахор, но беа директно помогнати, па дури и водени, од претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. Всушност, целата работа за излез од спорот меѓу двете земји ја презеде Европската унија. Меѓународниот суд на правдата, а преку ��его и Обединетите нации, беше оставен настрана. Косор и Пахор отидоа во Стокхолм кога Шведска претседаваше со ЕУ (тоа беше еден од нејзините поголеми успеси; се сеќаваме на неверојатната упорност на Карл Билт да најде излез од тунелот за името) и таму ја потпишаа Спогодбата за арбитража. Како сведок на документот се потпиша шведскиот премиер Фредрик Рајнфелт и им оддаде признание на Косор и Пахор на големата политичка храброст. Двете нови влади што дојдоа потоа во Загреб и Љубљана не ни помислија да ја проблематизираат арбитражата, туку нагласија дека ќе ги почитуваат нејзините одлуки.

Според оваа Спогодба за арбитража ќе се утврди текот на границата на копно и на море меѓу Хрватска и Словенија; врската на Словенија кон отвореното море; одлуката на арбитражниот суд е конечна и тоа ќе биде решение на спорот, а двете земји, ако е потребно, во рок од шест месеци треба да направат ревизија на националните законодавства. Словенија ги крена рампите за Хрватска во текот на преговорите за членство во ЕУ, а Хрватска се согласи, ако така одлучи арбитражата, да отстапи дел од своите територијални води.

Арбитражниот суд има пет члена, а претседателот на Европската комисија Баросо и комесарот за проширување, Штефан Филе, им понудија листа на кандидати за судии на Загреб и на Љубљана од кои тие можеа да избираат. Двете земји се согласија Арбитражниот суд да го води некогашниот претседател на Меѓународниот суд на правдата, Французинот Жилбер Гијом, а членови се уште еден поранешен судија од овој суд, Германецот Бруно Сима, и професорот по меѓународно право од Оксфорд - Британецот Вон Лоуи. Хрватскиот член на арбитражниот суд е Будимир Вукас, а словенечкиот Јернеј Секолец. Според Спогодбата, одлуката за границата се донесува со мнозинство гласови и не е возможно кон неа да се приклучуваат издвоени или поединечни мислења.

Интересни се временските рокови. Лани на 9 декември ЕУ донесе одлука дека Хрватска може да стане нејзина членка. До овој 9 декември Загреб и Љубљана треба да ги достават меморандумите за овој случај. Неговото вистинско решавање ќе почне по 1 јули 2013 година, кога Хрватска и официјално ќе стане членка на Унијата и ќе мора да ги почитува одлуките на Арбитражниот суд кој ќе заседава во Брисел. Според она што го пишуваа хрватските и словенечките медиуми, решението на спорот, односно одредувањето на границата, треба да биде донесено на крајот од 2014 или на почетокот на 2015 година.

Го сакаме ли ние сето ова? Подготвени ли сме да излеземе од рамката на Обединетите нации и прашањето на името (а со тоа можеби и на јазикот) да и' го препуштиме на Европската унија? Ќе го прифатиме ли евентуалното ново име без да приговараме или, пак, потоа да ја прогласиме одлуката на арбитражата (ако не ни се допаѓа) како невалидна? Подготвени ли сме да притиснеме да се напуштат преговорите за името и целиот проблем да им го оставиме на петмина судии?

Кога се споменува словенечко-хрватскиот модел, сакаме да го искористиме делот што не го попречува членството на Македонија во ЕУ, а другиот дел од рамката да им го оставиме на Обединетите нации. Грција е скептична во можното користење на овој модел. Речиси е невозможно по учеството на сите големи сили во разрешувањето на проблемот со името, ние да излеземе од рамката рамката на Обединетите нации и како сирачиња да чекаме пред вратата на еден помал клуб. Затоа треба умно да ги потрошиме сите овие денови до декември и да им понудиме на европските лидери одговор кој ќе биде сериозен и државнички за да немаат оправдување пак лесно да ја отфрлат препораката на Комисијата. Се разбира, за тоа е потребна исклучителна умешност, но треба уште еднаш да се проверат нашите капацитети.


Статијата е прочитана 1045 пати.

Испрати коментар



Како да и се каже збогум на сиромаштијата
Педесет години по кубанската ракетна криза
Судир на идеологии во САД
Улица за легендата Младеновиќ
Трајче од Австралија



jovan, 18.10.2012 00:17:36
Nasiot problem so imeto e unikaten. Nikogas vo istorijata na covestvoto nemalo vakvo nesto, nekoj drug da ti kazuva kako treba da ti se vika drzavata. Najverojatno i vo idnina nema nikogas da ima zapisano vakov slucaj, pa za vek vekovi ovoj nas slucaj ke bide edinstven. Kako ke zavrsi, toa nikoj ne znae. Zatoa i sporeduvanjeto na ovoj problem so drugi problemi, e prosto kazano nevozmozno.
ФЕЛИКС, 18.10.2012 08:27:07
Има и заедничко во проблемите и кај нив и кај нас.Па така заедничко е тоа што и Словенија и јужниот сосед безобразно ја користат положбата како членка на ЕУ да не почитуваат закони и правила.Па така сега Словенија ја уценува Хрватска да се одкаже од побарувањата кон Љубљанска банка од страна на штедачите од Хрватска.Украден штеден влог да добие третман на заборав. Сето ова го гледа ЕУ каде што никој не помислува да направи ваква далавера со штедните влогови на своите ЕУграѓани.Кај нас веќе ова стана легенда да меѓународните норми не се почитуваат ако се на штета на соседот.Да е обратното ќе имавме канонада од притисоци да се почитуваат тие меѓународни закони и правила,како од надвор така и од внатре.
Falanga, 18.10.2012 14:00:02
Ova so imeto e navistina nadvor od sekoj zdrav razum. Da ironijata bide celosna, sluchajot ne mozeme da go dobieme, odnosno glatko go gubime. Zarem sme tolku nesposobni i smotani? A ne ubeduvaat deka svetot se vrti okolu nas, so akcent da sme bibliski narod i biliska drzava, so najgolemiot/Aceta na chelo, podrzan vo sto chekori od Grujo. Neshto ne sodejstvuva!
VMRO-DPMNE Dolzno kako grcka, 18.10.2012 14:06:06
17.10.2012, 16:43 Ставрески: Ќе најдеме пари за отплата на долговите

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

 
Што прават
 


Site Meter


Време
Скопје, 4°C

Ведро

Петок
Сончево
Макс: 23°C, Мин: 6°C

Сабота
Облачно
Макс: 19°C, Мин: 11°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (35)
Дали Јованка била параноик. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Моќните луѓе во Белата куќа
Ако Барак Обама го победи Мит Ромни, ќе стане третиот претседател едноподруго кој освоил втор мандат...
Осудени зашто не предвиделе земјотрес!
Шестмина сеизмолози од Италија се прогласени за повеќекратно убиство во местото Аквила каде што во 2009 година загинаа 3...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |